Прогласена кризна состојба поради зголемената појава на пожари

Пожар, Блаце

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена – соопшти на прес конференција владината портпаролка, Марија Митева.

Таа денеска (8 јули) изјави дека оваа одлука е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.

„Што значи ова на терен? Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури“, додаде Митева.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Со пожарите се справуваме „партизански“ и „на ура“

Таа најави дека ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението.

„Им изразуваме длабока благодарност на сите пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија. Нивната храброст и посветеност заслужуваат највисоко почитување“, рече Митева.

На попладневната прес конференција ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел, како што рече, заеднички да се надмине оваа состојба.

Ангелов: Пожарот кај фабриката Самоков е активен, но нема опасност по објектот

Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информираше дека под контрола се ставени три крака од пожарот кај фабриката Самоков, кој е активен втор ден.

„Директорот на фабриката и градоначалникот на Општина Македонски Брод ме известија дека нема потреба од дејство на „ер тракторот“ којшто цел ден дејствуваше на овој потег околу фабриката. Под контрола се ставени три крака на овој тежок пожар. Останува активен еден крак и за да се избегне опасност по блиското село „ер тракторот“ ќе продолжи да дејствува ова попладне се додека условите го дозволуваат тоа“, информира Ангелов во најновата изјава.

Пожарите во партиските соопштенија

Пожарите веќе станаа и тема на партиски препукувања, откако опозицијата во писмено соопштение ја искритикува Владата дека импровизира во справувањето со нив.

-Ветуваа дека ова лето ќе бидат подготвени, а денес ја гледаме истата неспособност, истата незаинтересираност и истата импровизација – се вели во соопштението на СДСМ.

Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека се реагира веднаш и оти осум возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите.