Македонија, која ги преживеа балканските војни од 90-тите години на минатиот век без масовно насилство и во која живеат различни луѓе и различни етнички и религиски групи кои успеа да изградат мирно општество, некогаш беше предводник во регионот, кога пред 20 години заедно со Словенија го започнаа пристапниот процес кон ЕУ -изјави вечерва австрискиот европратеник, Томас Вајц.
Тој се обрати пред Европскиот парламент во текот на дебата за Неговиот извештај за земјава за 2023 и 2024 година.
„Каде е Словенија денес, а што се случи со Северна Македонија? Па, имаше некои пречки на патот. Пречки поврзани со историјата, пречки поврзани со војните од минатиот век, пречки со начинот на градење добри билатерални односи со соседите“, рече Вајц.
Видете и ова: Македонски јазик и идентитет на чекор да бидат избришани од извештајот на ЕП, за Мицкоски потегот е „талибански“Тој додаде дека „добрососедските односи секогаш треба да се градат од двете страни“
„Иако Северна Македонија веќе 20 години е на европскиот пристапен пат и имплементираше доста значаен дел од европското законодавството, таа, иако требаше, се уште формално ги нема започнато преговорите за членство во ЕУ“, истакна Вајц.
Забрзан пристапен процес
Според него, треба да се разгледа забрзувањето на пристапниот процес на Северна Македонија.
Вајц нагласи и дека Извештајот дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и во него се поздравуваат некои достигнување, но се бараат и реформи, и се зборува за говорот на омраза, за злосторствата од омраза, за потребата од владеење на правото, борба против корупцијата и не само за усвојување на закони, туку и за резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
„Во извештајот многу се зборува за уставните измени, што се бараат за да може да започнат пристапните преговори. Уставни измени што вклучуваат и други малцинства во Уставот, меѓу кои и бугарското“, рече Вајц.
Видете и ова: Клучното гласање за извештајот во Европскиот парламент во јулиТој потенцираше дека во документот се говори и за економската состојба, која, како што рече, има позитивни страни, но и недостатоци, како и за недоволното искористување на поддршката што доаѓа од Европската Унија, во услови кога за земјата е многу важно да инвестира во стручни кадри и да ги задржи оние кои покажаа дека умеат.
„Таа земја е полна со неверојатно природно наследство, планини, езера, културни знаменитости, но за жал, земјата е исто така полна со отпад, нелегални депонии и загадување. Да, има подобрување на ситуацијата, но сепак има и многу да се направи“, заклучи Вајц.
Тој истакна дека граѓанското општество во земјава има услови за работа, но дека е видливо и странско влијание против кое мора да се бори, без разлика дали е тоа руско, кинеско, саудиско, српско или од каде и да е, бидејќи луѓето треба сами да одлучат за својата судбина.
Во тој, контекст, според него во документот се говори и за медиумите, за потребата од транспарентност во сопственоста на медиумите, како за потенцијалот што го има земјата.
„Овој Извештај претставува важен чекор кон пристапувањето во ЕУ и се надевам дека утре на гласањето ќе го поддржат многумина од вас. Ќе го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија или барем следниот чекор што можеме да го направиме на конструктивен, заедничка и проевропски начин“, порача европратеникот.
Мицкоски: Жално е што во 21 век во ЕП на талибански начин се оспоруваат македонскиот идентитет и јазик
Претходно денеска (8 јули), премиерот Христијан Мицкоски повторно изјави дека на „ талибански начин од Извештајот за напредокот на земјава во ЕП се сака да се извадат македонскиот идентитет и јазик“.
Тој изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници кои како што рече, „го оспоруваат идентитетот на еден малуброен народ во Европа и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, кој треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права“.
Во меѓувреме, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова истакна дека била позитивно изненадена од извештајот на Вајц.
„Тој важи за почитуван пратеник кој ги познава добро балканските прилики, бидејќи истото ова што ни се случува нам, можеше и Австрија да го прави кон Словенија бидејќи и во словенечкиот Устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите...“, додаде Сиљановска Давкова.
Таа го искоментира и говорот на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, според кого, потребни се реформи внатре во ЕУ.
„Мислам дека неговата изјава не е случајна и дека има врска и со феноменот вето, и со опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата. Важно е за да биде ЕУ односно Европа компететивен играч на плуралната светска политичка сцена и да ги вклучи сите држави кои географски, историски и културно припаѓаат кон неа. Зошто, бидјеќи денеска прашањето на евроинтеграцијата е прашање на стабилност и безбедност“, рече претседателката.