Кошта: Ја зајакнавме европската одбрана, но потребно е многу повеќе

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта

Постигнавме значаен напредок во зајакнувањето на одбраната, но можеме и мораме да направиме уште многу повеќе, дејствувајќи заедно како Европејци, порача денеска (9 јуни) претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на резултатите од јунскиот Самит на ЕУ.

„Руската инвазија на Украина беше повик за будење за Европа. Таа покажа дека мирот без одбрана е илузија. НАТО е неопходен. Но, Европската Унија има јасна додадена вредност, всушност има фундаментална улога и е подготвена да преземе поголема одговорност“, истакна Кошта.

Тој потенцира дека во вакви услови ЕУ им овозможи на земјите членки поголем фискален простор и средства за одбранбени трошоци, го подобрува трошењето, преку стандардизација и заеднички набавки и ги поттикна истражувањето и иновациите за одбрана.

Видете и ова: Eвропа мора автономно да се справува со заканите - заклучоци од ЕУ самитот за одбрана

Според него, заедно со зголеменото и подобреното трошење, ЕУ треба да работи и на имплементирање на заеднички одбранбен систем, инвестирајќи во стратешки капацитети како што се противвоздушната одбрана, поморската безбедност, Вселена или кибер просторот.

„Не зборувам за Европска армија. Зборувам за заеднички добра управувани од нашите национални армии, според заеднички план. Поминаа деновите на залудни дискусии за улогите на ЕУ и НАТО во градењето на „Европа на одбраната“. Сега е јасно дека зајакнувањето на европската одбрана е најдобриот начин за зачувување на стабилен трансатлантски сојуз“, рече Кошта.

Тој додаде дека паралелно со зголемување на безбедноста и одбраната на Европа, ЕУ работи и на зајакнување на нејзината конкурентност, со цел привлекување повеќе инвестиции, создавање подобри работни места, зацврстување на економската отпорност и поддршка на европскиот социјален модел.

Според него, за постигнување на овие цели, ЕУ мора да работи на воспоставување на трговски партнерства низ целиот свет, со што ќе се обезбедат иновациите, просперитет, квалитетни работни места и привлекување стручен кадар.