Украина тврди дека Русија го извршила најголемиот напад со ракети и дронови досега

илустрација

Киев објави дека Русија го извршила најголемиот ракетен и беспилотен напад во нејзината повеќе од тригодишна инвазија на Украина, погодувајќи претежно западни региони.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија нападнала со 728 дронови и 13 ракети, додавајќи дека украинските системи за противвоздушна одбрана пресретнале 711 дронови и уништиле најмалку седум ракети, објави АФП.

„Ова е симболичен напад, кој се случи во време кога се вложуваат толку многу напори за постигнување мир, за постигнување прекин на огнот. Но, само Русија продолжува да ги поткопува“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи.

Тој ги повика сојузниците да ги заострат санкциите кон Русија, особено нејзиниот енергетски сектор, клучен извор на приходи за воената каса на Русија.

„Нашите партнери знаат како да извршат притисок на начин што ќе ја принуди Русија да размислува за завршување на војната, а не за извршување нови напади“, додаде Зеленски.

Видете и ова: Трамп вели дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје за Украина

Префектот на западниот град Луцк, Игор Полишчук, изјави дека пожарите избувнале во „претпријатие“ и дека нема пријавено мртви или повредени лица.

Најновиот напад го надмина претходниот руски рекорд од 550 дронови и ракети лансирани претходно овој месец.

„Русија го изврши овој напад откако Соединетите Држави јавно изјавија дека ќе не снабдат со оружје“, изјави на социјалните мрежи шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Ова се случи откако Соединетите Држави го променија својот став за намалување на испораките на оружје за Украина.