Тројца мажи поврзани со руската група Вагнер осудени за подметнување пожар во Лондон

Последици од пожарот во магацин во источен Лондон, во кој се наоѓале генератори и опрема за сателитска комуникација наменета за Украина, март 2024 година.

Британска порота осуди тројца мажи за подметнување пожар во магацин во Лондон каде што била складирана опрема наменета за Украина, во заговор за кој обвинителите велат дека бил организиран од оперативци поврзани со руската платеничка компанија „Вагнер“.

Пресудата, донесена на 8 јули, беше најновата во серијата што го истакна она што западните разузнавачки претставници го нарекуваат тајна кампања на руски разузнавачки оперативци кои вработуваат луѓе за да вршат саботажи или надзор.

Обвинителите изјавија дека тројцата мажи - 23-годишниот Нии Менса, 23-годишниот Џаким Роуз и 20-годишниот Угниус Асмена биле осудени за пожарот во март 2024 година во магацин во сопственост на Украинец во источен Лондон.

Складиштето се користело за складирање на генератори и сателитска опрема на StarLink, што било клучно за помагање на украинските сили на фронтот.

Официјалните лица изјавија дека тројцата биле регрутирани од двајца други мажи, 20-годишниот Дилан Ерл и 23-годишниот Џејк Ривс.

Според обвинителите, Ерл и Ривс кои претходно се изјаснија за виновни по поврзани обвиненија - биле контактирани и регрутирани да го извршат палењето од страна на оперативци на „Вагнер груп“, која е најпознатата приватна воена компанија во Русија.

Истражителите рекоа дека Ерл контактирал со руските разузнавачки оперативци преку Телеграм, канал што го користел Вагнер и им понудил да извршуваат работни места или задачи.

Видете и ова: Македонски државјани се бореле за платеничката војска „Вагнер“

Ерл и Ривс потоа наводно регрутирале уште тројца да го нападнат магацинот, иако не знаеле дека работат во име на Вагнер, изјавија британски официјални лица.

Операциите и угледот на „Вагнер“ делумно се намалија откако нејзиниот основач, Евгениј Пригожин, загина во мистериозна авионска несреќа во август 2023 година, два месеци откако предводеше неуспешен бунт против Кремљ. Компанијата беше во голема мера распуштена, а многу од нејзините единици беа интегрирани од Министерството за одбрана и други безбедносни агенции.

Видете и ова: Улогата на Вагнер една година по смртта на Пригожин

Други комерцијални субјекти поврзани со Пригожин или Вагнер продолжуваат да работат во Африка и на други места. Официјалните лица изјавија дека Ерл и Ривс, исто така, се изјасниле за виновни по обвиненијата поврзани со посебен заговор за киднапирање на Русин, кој е отворен критичар на Кремљ и палење на добро познат ресторан што го поседува во луксузниот лондонски кварт Мејфер.

Евгениј Чичваркин, беше сопственик на руска компанија за мобилна телефонија кој избега во Велика Британија во 2009 година, поради серија руски кривични истраги против него. Подоцна, тој стана гласен критичар на владата на претседателот Владимир Путин.