Се шири пожарот во Визбегово, едно лице е повредено

Пожар на дивата депонија во Визбегово, 9 јули 2025 година

Едно лице е повредено во пожарот што денеска (9 јули) избувна на дивата депонија во Визбегово. Во пожарот се зафатени хаварисани возила со плински боци поради што се слушаат детонации. Нема зафатено куќи.

Министерството за внатрешни работи потврди дека едно лице е повредено и пренесено за укажување лекарска помош.

„Денеска (09.07.2025) во 09.16 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на отпад за старо железо ул. „Б. Буна“ во Скопје има пожар односно дека горат хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаат детонации од истите. До сега нема зафатено приватен имот – куќи. Се преземаат мерки за гасење на огнот и расчистување на случајот. До овој момент едно лице е повредено и е пренесено за укажување лекарска помош“, стои во информацијата од МВР.

Во гаснењето на пожарот покрај пожарникари и возила од Комунална хигиена, вклучени се и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер.

Центарот за управаување со кризи (ЦУК) му укажа на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, доколку се процени дека има потреба, да го евакуира населението.

Пожарот избувна рано утрината, а во првичната изјава дадена за МИА командатот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје Звонко Томески информираше дека интервенираат со четири возила.

Густиот чад од пожарот се гледа од неколку страни на градот, а граѓаните споделуваат слики и видео на социјалните мрежи.