Судот на Босна и Херцеговина им го укина притворот на Радован Вишковиќ, премиер на Република Српска (РС) и на Ненад Стевандиќ, претседателот на Собранието на РС, објави Радио-телевизија на Република Српска.
Рочиштето се одржа во среда, 9 јули, на кое им беа изречени мерки на забрана, односно мерката за јавување кај надлежниот полициски орган на секои 14 дена, се додава во соопштението.
Пред неколку дена, оваа судска институција му го укина притворот на претседателот на РС, Милорад Додик.
Во март оваа година, Обвинителството на Босна и Херцеговина издаде налог за апсење на тројцата до судската полиција.
Во наредбата за апсење, тие се обвинети за сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.
Наредбата е издадена на денот кога Народното собрание на РС требаше да го разгледа Нацрт-уставот на РС, со кој властите во РС планираат да го дефинираат тој ентитет во Босна и Херцеговина како држава на српскиот народ, да му дадат право на самоопределување, да формираат сопствена армија и да го укинат Советот на народите.
Видете и ова: Судот на БиХ нареди издавање меѓународни потерници за Додик и СтевандиќКривичниот законик на Босна и Херцеговина предвидува казни до пет години затвор и забрана за вршење службени должности ако некој „нелегално се обиде да го промени уставниот поредок на БиХ или да ги собори нејзините највисоки институции“.
Во меѓувреме, Уставниот суд на Босна и Херцеговина донесе привремена мерка за непримена на Законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации. Барањето го поднесе Кемал Адемовиќ, заменик-претседател на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Спротивно на сугестиите на ЕУ, Собранието на РС расправа за воведување „помошни“ полициски силиОвој закон, кој беше усвоен од Собранието на РС, воведува строга контрола врз работата на граѓанскиот сектор во РС, моделирана според рускиот закон.
Додик рече дека законите ќе се применуваат и покрај оваа одлука.
Најновите закони наидоа на речиси целосна осуда низ целиот свет, од државниот секретар на САД, Марко Рубио, преку генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, до неколку странски амбасади во Босна и Херцеговина.