Интерконекторот со Грција треба да донесе стабилно снабдување со гас

илустрација

Денеска (9 јули) официјално беше означен почетокот на изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција која треба да чини 60 милиони евра. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека оваа стратешка инвестиција ќе ја направи земјава регионална енергетска крстосница, а тоа, како што рече, ќе значи повеќе извори на природен гас, повеќе стабилност и пониски трошоци.

„Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина. Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија“, рече Мицкоски.

Премиерот информира дека со овој проект ќе бидат изградени 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до 3 милијарди. Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или околу 60 милиони евра.

Видете и ова: Стартува изградбата на интерконекторот со Грција

Изградбата на интерконкторот, како што посочи амбасадорката на САД Анџела Агелер, е долгоочекуван проект кој демонстрира независност и ги зајакнува врските во однос на енергијата и економскиот развој.

„Стратешка ивестиција во безбедноста, просперитетот и суверентитет. Важно е да се направи енергетска диверзифкација. Важна е регионаната соработка партнерство. Како најголем производител на ЛНГ, САД сака нашиот гас да се пренесува преку овој гасовод наскоро. Сакаме да видиме економска сигурност и безедност и регионален развој што тој проток ќе го донесе за сите нас. Партнерствата со пријателите и соседите се докажува дека се многу повеќе од бирократски и политички маневри“, порача Агелер.

Изведувачот на работите, кумановската компанија „Рапид билд“ треба да ги заврши работите за 22 месеца, односно интерконкторот да биде готов во 2027 година.

Од грчка страна интерконекторот е со должина од 123 километри и е речиси готов.