Мицкоски: Не сакам никој да ми спомнува дека бугарското малцинство било проблем

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

„Со овој срамен амандман светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век“, изјави денеска на вонредна прес конференција македонскиот премиер Христијан Мицкоски по изгласувањето на Извештајот за напредокот на Северна Македонија во кој со амандман беа избришани зборовите македонски јазик и идентите.

Тој посочи дека со тој амандман може комотно и на очиглед на сите, да и се каже на Европа дека вистината излегла на виделина.

Амандманите со кои се бараше да се отстрани македонскиот јазик и идентитет од европскиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година добија широка поддршка на пленарната седница на Европскиот Парламент.

Тие беа дел од петте амандмани кои беа изгласани на денешната пленарана седница на Европскиот парламент на кој беше изгласан Извештајот изготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц со 421 глас „за“ а 121 „против“.

На вонредната прес конференција од просториите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна дека Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но не од сега, туку уште од 1990 година, со својата како што вели, јасна агенда да ги уништи македонската нација и идентитет.

„Не бевме наивни, ги знаевме односи во Унијата, ги знаевме трговските практики и начинот на одлучување. Знаеме дека во Унијата има неретко конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на на политиката, трговијата со судбини. Сето ни беше совршено јасно, токму затоа потсетувам на признавањето на Бугарија во 90-тите како прв сосед“, изјави Мицкоски по повод гласањето на извештајот во ЕП.

Видете и ова: Извештајот на Европскиот парламент усвоен без македонски јазик и идентитет

Според премиерот, македонската историја е втемелана на неправди, која има корени во неодговорните македонски политичари.

„Најголемиот проблем за понижувањата низ нашата модерна историја тие имаа темели во разни структури и во корумпирани политичари и неодговорни лидери кои не водеа сметка за долгорочните цели и интереси на Македонија“, изјави Мицкоски.

Според него уставните измени не се проблем.

„Не сакам никого, никогаш и никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем, тие неколку стотина луѓе кои се чувствувале како Бугари, дали биле во Уставот, или не биле не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме, но суштината е многу подлабока од тоа. И тоа сосема јасно се виде по чекорите кои ги презеде нашиот источен сосед низ европските ходници. Ќе остане запишано дека европскиот извештај со македонски јазик и идентет помина на АФЕТ и денеска пред да се донесе оној срамен амандман се најде на маса пред сите европратеници, за прв пат во независна Македонија“, изјави Мицкоски.

Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.

За Извештајот првично требаше да се гласа на 4 јуни, но, беше одложен поради интензивни политички притисоци од бугарските европратеници затоа што што на две места во предложениот текст се спомнуваше „македонскиот идентитет и јазик“.