Руски беспилотни летала го нападнаа Киев рано наутро на 10 јули втора ноќ по ред, убивајќи 2 лица и предизвикувајќи пожари, соопштија официјални лица, додека сирените за воздушен напад беа активирани низ повеќе од половина од земјата за да предупредат за широко распространетиот напад.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека два стана се запалени во централниот округ, а екипи за итни случаи се испратени во различни делови од градот.
Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, рече дека покривите на две згради се во пламен.
„Шест од 10-те окрузи на Киев беа погодени, при што пожари избувнаа во различни згради, магацински простори, а автомобили и фрагменти од беспилотни летала паднаа на земја“, рече тој.
Украинската војска соопшти дека две лица се убиени, а најмалку 12 се повредени.
Во руски воздушен напад претходно на 9 јули загинаа три лица, а едно беше повредено во градот Костјантинивка на фронтовската линија на истокот од Украина, соопшти Службата за итни случаи на Телеграм.
Нападот уништи еднокатна административна зграда, а спасувачките екипи подоцна ги извлекоа телата на двајца од загинатите од под урнатините. Пожарникарите ги изгасија пожарите во четири згради.
Нападите се случија откако Русија лансираше 728 дронови и 13 хиперсонични ракети „Кинжал“ и „Искандер-К“ врз Украина ноќта пред тоа и до утрото на 9 јули.
Видете и ова: Украина тврди дека Русија го извршила најголемиот напад со ракети и дронови досегаПожарникарите го изгаснаа пожарот по рускиот напад во регионот на Киев, на 9 јули 2025 година.
„Тоа беше најголем број воздушни цели во еден ден“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на X.
Според Зеленски, речиси половина од дроновите беа „Шахед“ од иранско производство.
Нападот предизвика обновен повик од Зеленски за „остри“ санкции против руската нафта и други мерки со цел да се донесе Москва на преговарачка маса за мировни разговори.
Зеленски претходно на 9 јули се сретна со специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, во Рим и ја изрази целосната поддршка на Украина за мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Потребни се безусловно, сеопфатно примирје и состанок на ниво на лидери за да се обезбеди искреност и ефикасност на мировните преговори“, се вели во соопштението на украинскиот претседателски кабинет на својата веб-страница.
Видете и ова: Трамп ги заострува критиките кон Путин и размислува за санкцииЕдна од темите на состанокот Зеленски-Келлог беше зајакнувањето на воздушната одбрана на Украина поради неодамнешните масовни напади врз украинските градови.
Зеленски, исто така, ја истакна „важноста на сигналите од Вашингтон за продолжување на испораката на воена помош за Украина“, се вели во соопштението.
Пентагон минатата недела објави дека ќе запре некои испораки на оружје поради загриженост дека американските залихи се премногу ниски. Но, Трамп оттогаш изјави дека ќе биде испратено повеќе оружје во Украина за да ѝ се помогне да се одбрани.
„Тие мора да бидат способни да се одбрана. Сега се погодени многу силно“, рече Трамп на 8 јули.
Трамп претходно оваа недела изрази фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин поради војната што Москва ја започна на почетокот на 2022 година откако разговараше со него по телефон.
Зеленски рече дека тој и Келог разговарале за предлози за воведување построги санкции врз Москва за да се зголеми притисокот врз Путин да се согласи на прекин на огнот.
„Ја разбираме потребата од построги ограничувања за руската енергија, особено секундарни санкции насочени кон купувачите на руска нафта“, рече Зеленски на X.
Тој изрази надеж за напредок во законодавството поднесено во Конгресот на САД со кое се бараат построги санкции. Зеленски рече дека законодавството „сигурно би можело да ја натера Русија да размисли повеќе за мирот“.
Законот, предложен од сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина) и сенаторот Ричард Блументал (демократ од Конектикат) и поддржан од десетици други членови на Конгресот, ќе му даде на претседателот овластување да воведе дополнителни санкции врз Русија и нови казнени тарифи врз земјите што ги поддржуваат воените напори на Русија.
Зеленски и Келог се во Рим за да присуствуваат на конференција насочена главно кон мобилизирање на меѓународна поддршка за Украина.
Средбата, исто така, ќе опфати зајакнување на одбраната на Украина, ќе ги прошири перспективите за купување американско оружје, вклучително и заеднички проекти за производство на беспилотни летала и напори за локализација во Украина.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе се сретне со својот руски колега на 10 јули во Куала Лумпур, изјави функционер на американскиот Стејт департмент, според американските новински извештаи. Рубио треба да се сретне со Сергеј Лавров на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Тоа ќе биде втора лична средба меѓу двајцата дипломати.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, беше цитирана рано утрото на 10 јули дека може да потврди дека „таква средба се подготвува“.