Трамп објави царина од 50 отсто за бакар, стапува во сила од 1 август

Американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави царина од 50 отсто за бакар, велејќи на социјалните мрежи дека таа ќе стапи во сила на 1 август и дека одлуката е донесена по проценка на националната безбедност.

„Бакарот е потребен за полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје, од кое ние градиме многу“, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

Трамп претходно сигнализираше дека воведува нови царини за бакар, што доведе до рекордни максимуми на суровината на американските берзи.

Видете и ова: Трамп го пролонгира рокот за стапување во сила на царините до 1 август

Трамп сега рече дека добил „солидна“ проценка на националната безбедност во која се заклучува дека царините се неопходни за заштита на американското производство на стока што е клучна за голем број индустрии.

Соединетите Држави зависат од увоз за речиси половина од своите потреби за рафиниран бакар. Земјите најпогодени од царината се Чиле, Канада и Мексико. Трите земји изјавија дека увозот од нив не ги загрозува интересите на САД и не треба да се оданочува. Сите три имаат договори за слободна трговија со Соединетите Американски Држави.

Високите царини имаат за цел да го поттикнат производството во Соединетите Држави. Повеќе од две третини од бакарот во земјата се ископува во Аризона.