ЕУ најави дополнителни 2,3 милијарди евра помош за Украина

илустрација

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претстави нов пакет договори со меѓународните финансиски институции за поддршка на напорите за закрепнување и обнова на Украина во вредност од 2,3 милијарди евра.

„ЕУ денеска ја потврдува својата улога како најзначаен партнер на Украина. Не само како нејзин главен донатор, туку и клучен инвеститор во нејзината иднина“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Конференцијата за закрепнување на Украина што се одржува во Рим.

Според Фон дер Лајен, со склучените договори од 2,3 милијарди евра, ЕУ има за цел да привлече и до 10 милијарди евра инвестиции за обнова на домовите и болниците, заживување на бизнисите и обезбедување енергија за Украина.

„Ова е солидарност на дело. Украина секојдневно се приближува кон ЕУ - во енергетиката, образованието, роамингот и културата. Европа стои зад Украина и денес и утре“, додаде Фон дер Лајен.

Видете и ова: Трамп вели дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје за Украина

Пакетот договори склучени во рамките на Инвестициската рамка на Украина, предвидуваат 1,8 милијарди евра гаранции за кредити и уште 580 милиони евра грантови.

Целта на Конференцијата во Рим, што се одржува денеска и утре, е да го задржи меѓународниот фокус на закрепнувањето на Украина, како во текот на војната, така и по неа.

Таа е замислена како платформа за усогласување на политичката поддршка и мобилизирање на финансиски средства за поддршка на Украина.