Османи: Трамп спречи можна ескалација на ситуацијата од Србија во Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Вашингтон, 10 јули 2025 г.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека има „сигурни информации“ дека американскиот претседател Доналд Трамп неодамна спречил можна ескалација на ситуацијата од Србија во Косово.

Османи изјавата ја даде за време на предавање во Вашингтон на 10 јули, посочувајќи дека тоа се случило „неодамна“ оваа година, но не даде дополнителни детали.

„Според безбедносните информации што ги добивам секојдневно, разбравме дека претседателот Трамп неодамна спречил можна ескалација на ситуацијата – ако можам така да ја наречам. Не зборуваме за 2023 година, не зборуваме за 2020 година, зборуваме за многу, многу неодамнешни случувања“, рече Османи.

Видете и ова: Трамп ги продолжи вонредните мерки за Западен Балкан во кои е вклучена и „црната листа“

Таа се потсети и на нападот во Бањска во септември 2023 година, опишувајќи го како „чин на агресија“ извршен од Србија којшто, како што изјави, бил „целосно подготвен во Србија“.

„Значи, не треба да ја негираме таа можност, бидејќи тоа се случувало и претходно“, рече Османи, осврнувајќи се на тогашниот вооружен напад од група Срби врз косовската полиција, во кој беше убиен началникот Африм Буњаку.

„Бидејќи се случило и претходно, превенцијата и одвраќањето се неопходни. А понекогаш, превенцијата и одвраќањето бараат повеќе од само присуство на војската. Тие бараат и политичко водство. Потребен е телефонски повик, предупредување, и токму тоа се случува кога Америка ја презема водечката улога“, рече косовската претседателка.

Видете и ова: Косово на крстопат со своите сојузници

Трамп постојано го наведува своето посредништво во односите меѓу Косово и Србија како пример за улогата на САД во спречувањето на конфликти.

Косово и Србија го потпишаа Вашингтонскиот договор за економска нормализација во септември 2020 година, за време на првиот мандат на Трамп, во негово присуство во Белата куќа.

Тој договор, кој исто така вклучуваше и признавање на независноста на Косово од Израел, не е целосно спроведен.