Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини од 35 проценти на канадскиот увоз следниот месец и дека планираат да воведат општи царини од 15 или 20 проценти за повеќето други трговски партнери.
Во писмо објавено на неговата социјална платформа Truth Social, Трамп му кажал на канадскиот премиер Марк Карни дека новите стапки ќе стапат на сила на 1 август и ќе се зголемат доколку Канада возврати, пренесува Ројтерс.
„Наместо да соработува со Соединетите Држави, Канада воведе свои царини. Почнувајќи од 1 август 2025 година, ќе воведуваме царини од 35 проценти за канадските производи извезени во СоединетитеДржави“, напиша Трамп во писмото.
„Тие царини можат да се променат, нагоре или надолу, во зависност од нашиот однос со вашата земја“, предупреди Трамп.
Видете и ова: Трамп објави царина од 50 отсто за бакар, стапува во сила од 1 августВо писмо од една страница, американскиот претседател повторно ја обвини Канада дека не успеала да го спречи протокот на фентанил во САД, иако податоците покажуваат дека само маргинална количина на овој опиоид влегува во земјата од нејзиниот северен сосед.
Во последните денови, Трамп ја прошири својата трговска војна со воведување нови царини за голем број земји.
Околу 20 претежно азиски земји веќе добија слични писма од почетокот на неделата, со царини од 25 проценти применети на производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, а до 40 проценти за некои други земји од Југоисточна Азија.
Сепак, Бразил, кој претходно не беше засегнат од дополнителни царини над 10 проценти, забележа најголемо зголемување на своите производи.
Американскиот претседател најави царина од 50 проценти како одговор на кривичното гонење на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, обвинет за обид за државен удар по поразот на изборите.