Киев ќе издвои 6,2 милиони долари за програма за пресретнување дронови

илустрација

Киев ќе издвои 6,2 милиони долари за програма за пресретнувачи на беспилотни летала за одбрана на небото на главниот град од руски беспилотни летала, соопштија градските власти.

Русија ги засили своите комбинирани напади врз украинскиот главен град во последните недели, лансирајќи стотици беспилотни летала и ракети во ноќни напади што траеја со часови, што предизвика штета во повеќето градски области.

„Овие средства ќе се користат не само за купување опрема, туку и за создавање ефикасен систем за одговор“, напиша началникот на воената администрација на градот Киев, Тимур Ткаченко, на апликацијата за пораки Телеграм.

Градот соопшти дека планира да вклучи дополнителни средства надвор од постојниот буџет, без да прецизира колку ќе бидат потребни.

Ткаченко рече дека пилот-проектот ја докажал својата почетна ефикасност со пресретнување на речиси 550 беспилотни летала лансирани од Русија за да го нападнат регионот Киев во последните неколку месеци.

Видете и ова: Украина тврди дека Русија го извршила најголемиот напад со ракети и дронови досега

Смртоносните напади ги поттикнаа украинските лидери да ги обноват итните повици за помош за воздушна одбрана од сојузниците.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, извести за успешната употреба на дронови-пресретнувачи за да се одвратат големи напади и рече дека се работи на проширување на технологијата.

На Конференцијата за закрепнување на Украина оваа недела, тој спомена инвестиции во овој вид воздушна одбрана на состаноците со холандските, германските и американските партнери.

Ткаченко додаде дека властите планираат да отворат центар за обука на оператори на дронови-пресретнувачи и да создадат дополнителни мобилни единици во главниот град и неговите предградија.