Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска била физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, како што вели на локација каде што се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир. Настанот го потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Арсовска, попладнево пред Градската болница „8 Септември“ изјави дека при денешниот увид на дивоградба во скопски Чаир била физички и вербално нападната од лице за кое, како што рече, има личен интерес во објектот.
„Ме нападна со клоци, тупаници и закани по животот – ми се закануваше со силување и убиство, пред очите на полицијата“, рече Арсовска, додавајќи дека полицијата само стоела и го набљудувала насилството. Според неа, лицето не било веднаш приведено, туку му било дозволено да се јавува на телефон и да се заканува и кон другите присутни – советници и секретарот на Градот.
Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политикаАрсовска додаде дека објектот што го посетувала е дивоградба без никакви дозволи, даноци или платени комуналии, и дека биле поднесени повеќе пријави до институциите, но градежните активности и покрај тоа продолжиле.
На ваквите обвинувања реагираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој демантираше дека полицијата не презела ништо.
„Не е точно дека МВР не постапило. Полицијата веднаш излегла на терен. Арсовска беше повикана во полициска станица по инцидентот, но не се појави. Подоцна отиде во болница, каде ѝ беа констатирани телесни повреди – црвенила на левата потколеница. По прегледот, таа повторно се упати во полициска станица, каде што беа преземени полициски дејствија, а беше контактиран и јавен обвинител“, изјави Тошковски.
Министерот информираше дека лицето кое Арсовска го посочила како напаѓач е приведено, а заедно со него и уште две лица кои ѝ се заканувале.
Според претходните информации, инцидентот бил пријавен денеска во 12:15 часот од страна на лице со иницијали А.Ј., кое навело дека градоначалничката била нападната додека извршувала службени задачи на улица Кумбара.
Според пријавата, неколкумина и упатиле и вербални закани. Арсовска не поднела кривична пријава, но самата се упатила во Градската болница „8 Септември“.
Медиумите објавуваат изјави од вработени во Ургентниот центар кои рекле дека градоначалничката била примена видно вознемирена и со телесни повреди – модрици и оток од удирање со клоци и тупаници и дека била прегледана од специјалисти и дека ѝ се укажува помош.
Вработени во нејзиниот Кабинет рекле дека дека Арсовска била нападната од група од околу 30 лица додека била на увид кај објект што повеќепати бил пријавуван како дивоградба и дека нападот се случил токму пред полициската станица.