Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со „многу сериозни“ царини доколку не се постигне договор за прекин на огнот меѓу Киев и Москва, што би го прекинало најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна.
Трамп изјави дека ќе ја искористи трговијата за да помогне во ставањето крај на војната, која сега е во четвртата година, додавајќи дека таа е „одлична за решавање на војни“.
Американскиот претседател, зборувајќи на прес-конференција со лидерот на НАТО, Марк Руте, додаде дека се согласил со западната воена алијанса да обезбеди воена опрема во вредност од „милијарди долари“ за Украина, која ќе ја платат членките на НАТО.
Оружјето што САД ќе го испратат „во рок од неколку дена“ до НАТО за поддршка на Украина вклучува ракетни системи и батерии „Патриот“. Трамп посочи дека САД ќе добијат пари за целата опрема што ќе ја испратат до НАТО за употреба во Украина.
„Многу сме незадоволни од Русија. Ќе воведеме многу сериозни царини ако не постигнеме договор за 50 дена“, рече Трамп, додавајќи дека зборува за секундарни царини „од околу 100 проценти“.
Видете и ова: Пред „големата изјава“ за војната во Украина, Трамп вети испраќање на системи „Патриот“ во КиевПретходно, денеска специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, се сретна со претседателот Володимир Зеленски во Киев за да разговараат за воената помош пред она што американскиот претседател Доналд Трамп го најави како „важно соопштение“ за пристапот на САД кон Русија.
„Разговаравме за патот кон мирот и што практично можеме да направиме заедно за да го приближиме. Ова вклучува зајакнување на украинската воздушна одбрана, заедничко производство и набавка на одбранбено оружје во соработка со Европа“, напиша Зеленски на социјалната платформа X позната како Твитер.
„И, секако, санкции против Русија и оние што ѝ помагаат“, додаде тој, нагласувајќи дека „јасно е дека Москва нема да запре освен ако нејзините неразумни амбиции не бидат запрени со сила“.
Киев и другите градови низ Украина беа цел на чести и моќни воздушни напади од страна на руските сили во последните недели, што предизвика загриженост кај Доналд Трамп и други функционери во Вашингтон, кои почнаа да се прашуваат дали рускиот претседател Владимир Путин воопшто има намера да започне мировни преговори со цел да се стави крај на најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа во последниов половина век.
Тој, исто така претходно, го критикуваше Владимир Путин, што е уште една во низата негови негативни изјави за рускиот претседател.
„Тој зборува убаво, а потоа навечер бомбардира сè... Не ми се допаѓа тоа“, изјави на 13 јули Трамп пред новинарите во американската воена база во близина на Вашингтон.
„Европската Унија плаќа за тоа. Ние не плаќаме ништо, но ќе испратиме. Всушност, ќе им испратиме разни компоненти од многу софистицирана воена опрема. Ќе ни платат 100 проценти за тоа, и така сакаме“, додаде Трамп.
На 2 јули, Вашингтон објави дека запира дел од испораките на оружје за Украина. Сепак, Трамп оттогаш сè повеќе изразува фрустрација од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот, а на 10 јули рече дека САД ќе испратат дополнително оружје во Украина преку земјите од НАТО или други европски сојузници.
На 4 јули, во разговор со Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц ја покрена можноста Берлин да купи системи „Патриот“ од Вашингтон, а потоа да ги предаде на Украина. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус треба да пристигне во Вашингтон на 14 јули на разговори со американски претставници.
Соединетите Американски Држави досега испорачаа три батерии на ракетниот систем „Патриот“ во Украина, сите за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден.
„Патриот“ е еден од најнапредните системи за воздушна одбрана во светот, способен да пресретнува балистички и крстосувачки ракети.
Украина, исто така, доби уште четири батерии „Патриот“, три од Германија и една од група европски земји.