Куќниот, заменет со затворски притвор за осомничениот за нападот врз Арсовска

Илустрација - Прес конференција на скопската градоначалничка Данела Арсовска (архивска фотографија)

Мерката куќен притвор за осомничениот С.Љ. инволвиран во нападот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се заменува со мерка притвор, откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство.

Од Кривичниот суд велат дека осомничениот е веќе спроведен во Затворот Скопје, а како што наведуваат, одлуката следува откако судот оценил дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност за повторување на делото.

Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година, кога градоначалничката Арсовска, заедно со градски службеници, извршувала увид на нелегален објект во изградба на улицата „Севастополска“ во Чаир.

„Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинитeлството.

Видете и ова: Градоначалничката Арсовска доби 24-часовно полициско обезбедување

Инаку, Обвинителството покрена постапка против двете лица за кривично дело Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За првоосомничениот беше побарана мерка притвор, а за вториот осомничен – мерки на претпазливост, вклучувајќи забрана за приближување до оштетените,
забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патна исправа и редовно јавување во суд.

„Градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, соопшти Министерството за внатрешни работи на 12 јули.

Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.