Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, денеска (15 јули) изјави дека сè уште очекува наскоро да се постигне договор за нов пакет санкции против Русија, откако Словачка повторно го блокираше процесот.
Новиот пакет, воведен како одговор на војната во Украина, е во застој со недели поради спор со Словачка околу плановите за постепено укинување на увозот на руски гас.
Калас очекуваше напредок на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска.
Сепак, премиерот на Словачка, Роберт Фицо, познат по својот проруски став, рече дека му се потребни дополнителни гаранции од Брисел во врска со плановите за прекин на увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Видете и ова: Калас се надева на договор за 18-от пакет санкции кон РусијаСловачка останува зависна од рускиот гас и остварува приходи од транзитни такси за испораките што минуваат низ нејзина територија.
„Навистина жалам што денес не постигнавме договор“, рече Калас. „Но, сè уште се надевам дека ќе донесеме одлука утре.“
Официјалните претставници на ЕУ велат дека е во тек договор за намалување на ограничувањето на цената за извоз на руска нафта во трети земји и покрај претходното противење од Малта.
Мерката е дел од иницијативата на Г7 насочена кон ограничување на приходите од извоз на нафта на Русија во светот.
Ценовното ограничување, кое Г7 го постави на 60 долари за барел во 2022 година, им забранува на бродските и осигурителните компании да учествуваат во извозот на руска нафта по повисоки цени.
Според новиот план на ЕУ - кој веројатно ќе биде поддржан од другите членки на Г7, како што се Велика Британија и Канада - се предвидува флексибилна цена под пазарната вредност.
Ова моментално би изнесувало околу 47,6 долари, според внатрешните дискусии на ЕУ што ги виде АФП.
Дипломатите признаваат дека недостатокот на поддршка од САД ќе ја намали ефикасноста на мерката.
Како дел од санкциите, ЕУ планира да воведе мерки и против повеќе бродови од „флотата во сенка“ од стари танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта.
Новите мерки доаѓаат во време кога Доналд Трамп ја засили својата реторика против Русија, заканувајќи се дека ќе воведе големи „секундарни царини“ ако Москва не се согласи да престане со борбите во рок од 50 дена.