Трамп: Некои ракети за „Патриот“ веќе се на пат кон Украина

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, изјави дека некои ракети за системот „Патриот“ веќе се на пат кон Украина, еден ден откако објави дека членките на НАТО ќе испратат оружје во земјата, што е промена во неговото претходно противење на испраќање американско оружје во разорената од војна Украина.

„Тие доаѓаат од Германија“, им рече тој на новинарите на 15 јули, без да навлегува во детали.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека два системи за воздушна одбрана „Патриот“ се подготвуваат за испорака во Украина.

„Германија ќе ги сноси трошоците за нивната испорака, но техничките, логистичките и финансиските детали сè уште не се разјаснети“, изјави Писториус на 14 јули по состанокот со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во Пентагон.

Тие детали „изгледаат како да се решливи за двете страни, па затоа брзо преминуваме кон нивна имплементација“, додаде Писториус, нагласувајќи дека на Украина итно ѝ е потребна дополнителна противвоздушна заштита.

Руските беспилотни летала „Шахед“ го нападнаа Харкив вечерта на 15 јули, при што беа повредени две лица, соопштија локалните власти. Регионалниот гувернер Олех Сињехубов изјави дека во градот се регистрирани најмалку 17 експлозии во рок од 20 минути.

Видете и ова: Трамп го менува ставот за оружјето за Украина, но не врши целосен притисок врз Путин

Трамп рече дека не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин откако на 14 јули објави дека му поставил рок од 50 дена за Русија да прифати договор за прекин на огнот за да избегне санкции врз земјите што тргуваат со Москва.

Тој не кажа дали се планирани преговори за постигнување договор, но го бранеше утврдениот рок.

„Ако не постигнеме договор за 50 дена, тоа ќе биде лошо“, рече Трамп. Сепак, тој додаде дека можеби нема да бидат потребни сите 50 дена за да се постигне договор.

Трамп беше прашан и за извештајот во „Фајненшл тајмс“, во кој се вели дека тој приватно ја охрабрил Украина да ги засили длабинските напади на руска територија.

Според извори запознаени со разговорите, весникот наведува дека Трамп го прашал украинскиот претседател Володимир Зеленски дали украинската армија може да ја нападне Москва доколку САД и испорачаат оружје со долг дострел.

„Не, не треба да ја таргетира Москва“, им рече Трамп на новинарите на 15 јули, кога го прашаа дали Зеленски треба да нареди напад врз руската престолнина.

Американскиот претседател, исто така, ја намали важноста на можноста САД да испратат оружје со долг дострел во Киев.

Видете и ова: Зеленски вели дека новите договори ќе донесат снабдување со дронови, ветува нови напади во Русија

Европските претставници работат на тоа да обезбедат Украина да го добие оружјето што ѝ е потребно, додека Европската Унија се обидува да постигне договор за нов пакет санкции против Русија, откако Словачка повторно го блокираше неговото усвојување.

„Навистина ми е жал што денес не постигнавме договор. Но, сепак се надевам дека утре ќе донесеме одлука“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на 15 јули.

Новиот пакет санкции е со недели во застој поради спорот со Словачка околу одделните планови за постепено укинување на увозот на руски гас.

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека му се потребни дополнителни гаранции од Брисел во врска со плановите за прекин на увозот на руски гас до крајот на 2027 година. Словачка останува зависна од рускиот гас и заработува приходи од транзитни такси за пратки што минуваат низ нејзина територија.