Владата на вчерашната седница донела одлука да побара ослободување на дел од парите од европскиот План за раст предвидени во Реформската агенда 2024-2027 година, за кои планот за реализација е до јуни годинава. Според прелиминарните проценки на Европската Комисија за спроведеното до декември 2024 година биле исполнети околу 40 проценти од ветеното, со што се исполнува условот за повлекување на половина од предвидените пари, брифираат од Министерството за европски прашања.
Според тоа македонската Влада ќе побара повлекување на половина од предвидени 17,5 милиони евра, односно 8,5 милиони. Од нив 3,9 се заеми за буџетска поддршка, 2,2 милиони евра ќе бидат заем за преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и 2,45 милиони евра се грантови.
Од вкупно петте предвидени чекори, само два во целост се исполнети, а другите кои се однесуваат на енергетика и владеење на право се делумно исполнети. Од реформите кои се во целост спроведени се Законот за внатрешна финансиска контрола и Законот за трговски друштва во надлежност на Министерството за економија.
Како целосно исполнети задачи се проценети донесените закони за енергетика, како и законите за кибер безбедност, законот за електронски комуникации и законот за архивирање на дигитални податоци. Дополнително, исполнето е барањето за зголемување на спроведени инспекции на терен за 20 проценти.
Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУВо однос на делумно исполнетите обврски, една од нив е забелешката на Европската Комисија за недоволна оперативност на работните групи во Министерството за енергетика за зелена транзиција. Дополнително во овој сектор како неисполнет услов се смета постепеното намалување на субвенциите за производство на електрична енергија.
Втората проблематична точка е пополнувањето на слободните позиции на судии. Овој чекор не е исполнет во целост затоа што, како што брифираат од министерството, не бил запазен принципот на пополнување на испразнетите позициите на редовна основа од завршените кандидати од Академијата за судии и обвинители, затоа што се реферира на осмата генерација, а конкурстот за деветтата генерација е поништен, додека десетата е во тек.
За спроведувањето на реформските обврски до декември лани, Северна Македонија требаше да добие 17 милиони евра, а за оние чиј рок беше јуни годинава вкупниот износ за целосна реализација изнесува 70 милиони евра.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос на 1 јули за време на Самиот ЕУ-Западен Балкан, посветен на Планот за раст, порача дека очекува секое евро од шесте милијарди да биде потрошено на земјите од Западен Балкан.
На балканските лидери, таа им испрати јасна порака, дека ако не испорачаат реформи, нема да добијат пари. Како што констатираше еврокомесарката, досегашниот просек за сите земји од регионот е дека 75% од реформите се или спроведени или во тек е имплементирање. Една четвртина од реформите, пак, не се имплементирани.