Летонија ја испорача првата пратка оклопни возила „Патрија“ за Украина

илустрација

Летонија испорача нова пратка воена помош на Украина, додека оваа земја продолжува да се брани во актуелната војна со Русија, јави ДПА.

За време на посетата на летонската премиерка Евика Силиња на Киев, оваа балтичка земја, членка на ЕУ и НАТО, на украинските вооружени сили има предаде 15 оклопни транспортери „Патрија 6x6“, објави Министерството за одбрана.

„Летонската поддршка за Украина не се само зборови, туку конкретни акции“, беше цитирана Силиња во соопштението, пренесено од германската агенција.

Летонија планира во текот на оваа година во Украина да испорача вкупно 42 оклопни возила. Возилата се произведуваат во Летонија од страна на „Патрија“, финска компанија од одбранбениот сектор.

Видете и ова: Трамп: Некои ракети за „Патриот“ веќе се на пат кон Украина

Покрај оклопните транспортери, Рига се подготвува да обезбеди беспилотни летала и друга воена опрема во вредност од 70 милиони евра.

Летонија, исто така, планира да обучи до 4000 украински војници како дел од својата постојана помош.

Украина повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија со поддршка на западните сојузници. Летонија, која граничи и со Русија и со нејзиниот близок сојузник Белорусија, е меѓу најцврстите поддржувачи на Киев, потсетува ДПА.