Во Косово уапсен полицаец под сомнение дека бил шпион на српските разузнавачки служби

Косовска полиција (илустрација).

Во заедничка операција на безбедносните служби во Косово уапсен е полицаец под сомнение дека шпионирал за српските безбедносни структури, објави в.д. министерот за внатрешни работи, Џелал Свеќала.

Полицаецот Бојан Јевтиќ, рече косовскиот министер, е шестото лице уапсено за случаи на шпионажа порачувајќи дека „истата судбина ќе го снајде секој што ќе се обиде да ја поткопа работата и улогата што ѝ е доверена на полицијата“.

„Професионализмот, соработката и координацијата на безбедносните институции на Република Косово се неопходни за постигнување резултати во борбата против нелегалните активности, особено оние со висок ризик кои често имаат извор во српските разузнавачки структури“, изјави тој.

Видете и ова: Курти: Имаме докази за директно мешање на Србија во изборите

Специјалното обвинителство на Косово го потврди апсењето на полицаецот кој се сомничи за сторено кривично дело „шпионажа“ и посочи дека за лицето е одреден притвор од 48 часа.

„За време на претресот на куќата на осомничениот во село во Каменица, запленети се материјални докази, како што се: доверливи документи на косовската полиција, неколку паметни телефони, USB мемориски стик, пиштол, муниција, готовина во вредност од 10.000 евра, два милиони српски динари, 600 швајцарски франци и други докази што ќе бидат испитани за време на истрагата“, се вели во соопштението на обвинителството.

Оттаму додаваат дека уапсениот полицаец ја извршувал функцијата началник на операции во граничната полиција на преминот „Бела земја“, како и дека Инспекторатот препорачал негово суспендирање.

Акцијата се спроведува во соработка меѓу Инспекторатот на косовската полиција и Косовската разузнавачка агенција.

Оваа акција доаѓа откако во претходниот период беа уапсени неколку Срби и Албанци под сомнение за шпионажа за српските разузнавачки служби.

Во Косово, под шпионажа се подразбираат тајни активности на собирање, пренесување или дистрибуција на чувствителни информации до друга држава, организација или група.

Според Кривичниот законик на Косово, шпионажата се смета за сериозно кривично дело и се казнува со најмалку пет години затвор.

На почетокот на јуни, Основниот суд во Приштина го осуди Александар Влајиќ на пет години затвор, откако тој се изјасни за виновен по обвиненијата дека се занимавал со шпионажа како член на Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).
Во меѓувреме, жена од српската заедница во северно Косово, исто така беше уапсена за шпионажа на почетокот на март оваа година.
Таа беше вработена во ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во Косово, додека медиумите објавија дека била „шпион“ на БИА. Српската безбедносно-разузнавачка агенција не коментираше за ова прашање.

Видете и ова: Уапсени две лица на Косово за шпионажа

Претходно, на 20 февруари, Специјалното обвинителство на Косово, исто така, подигна обвинение против двајца косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, за сторено кривично дело шпионажа. Тие се изјаснија за невини по обвиненијата дека дале информации на српската БИА за безбедносните институции на Косово, Ослободителната војска на Косово и масакрот во Рачак.

БИА негираше каква било поврзаност со овие притвореници во Косово, додавајќи дека ова е „обид за ширење лажни вести“ од страна на Приштина.

Поранешниот главен инспектор на Косовската разузнавачка агенција, Бурим Рамадани, претходно за РСЕ изјави дека шпионажата е една од главните закани за националната безбедност на Косово.

„Со штетата што се обидува да се направи целта е да се прикаже Косово во лошо светло однадвор и да се држи под тензија однатре“, рече Рамадани.