Партиски вработувања повторно ја брануваат М-НАВ

Контрола на летање во М-НАВ (фотоархива).

Обвинувања за нови партиски вработувања повторно ја брануваат компанијата Македонска навигација (М-НАВ) откако во јавноста излегоа информации дека на оглас за вработување се примени луѓе блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот СДСМ побара итно да се поништи спорниот оглас и да се вратат професионалните критериуми за вработување, а да има и „оставки од сите кои го овозможија овој срам“.

И социјалдемократите преку соопштение реагираат на лицата за кои претходно повеќе медиуми објавија дека се нововработени во М-НАВ.

„Избрани се лица кои од квалификации единствено имаат партиска книшка. Во М-НАВ, место професионалци кои знаат англиски и имаат стручни лиценци, ВМРО-ДПМНЕ вработува, сопруг на директорка на Централен регистар, сопруга на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседател на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа од СДСМ.

Видете и ова: Одлуката за штрајк на контролорите на летање е ставена во мирување

ВМРО-ДПМНЕ, исто така се јави со реакција. Но, не ги демантираше вработувањата туку ја обвини претходната власт дека таа вршела партизација на Македонската навигација.

„СДС и ДУИ ја претворија М-НАВ во партиска филијала напикаа роднини, деца, внуци и коалициски партнери за плати неколкупати поголеми од просечните. За време на СДС и ДУИ само што не настана огромен безбедносен проблем, откако контролорите за летање беа тепани од активисти на ДУИ“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Во јуни, поради партиски вработувања контролорите на летање во М-НАВ се заканија со штрајк.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бараше да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.

Првично најавија дека ќе штрајкуваат од 10 јули, но дента кога требаше да отпочне штрајкот од синдикатот соопштија дека одлуката ја ставаат во мирување бидејќи имало придвижување во исполнувањето на нивните барања. Меѓу барањата беа да се вработи кадар каков што навистина е потребен во М-НАВ односно контролори на летање, како и да се направи функционална анализа со која ќе се определи кои се работните места и бројот на извршители што треба да постојат во компанијата.