Европската Унија одобри нов пакет санкции против Русија поради војната во Украина, вклучувајќи и намалување на ценовниот лимит за извоз на руската нафта.
„ЕУ штотуку го одобри еден од своите најсилни пакети на санкции против Русија досега“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.
„Ќе продолжиме да ја зголемуваме цената, за да може единствена опција за Москва да биде запирањето на агресијата“, додаде Калас.
Усвојувањето на санкциите го поздрави и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен:
„Ѝ удираме директно во срце на руската воена машина, со тоа што ги таргетираме банкарскиот, воениот и енергетскиот сектор и вклучуваме ново динамично ограничување на цените на нафтата“.
Како што објави Ројтерс, најновиот пакет санкции вклучува намалување на ценовниот лимит за Г7 групата за руската сирова нафта на 47,6 долари по барел.
Оваа мерка е дел од иницијативата на Г7 со цел да се ограничи приходот на Русија од извозот на нафта ширум светот.
Видете и ова: Со нова мрежа за регрутирање, Русија бара „потрошна работна сила“ за војната во УкраинаЦеновното ограничување, утврдено од Г7 на 60 долари за барел во 2022 година, им забранува на компаниите за превоз и осигурување да учествуваат во извозот на руска нафта по повисоки цени.
Санкциите вклучуваат и забрана за трансакции со гасоводот „Северен поток“ и таргетирање на бродови кои се дел од таканаречената „флота во сенка“ на Русија, бродови за кои се верува дека ги заобиколуваат санкциите на ЕУ со тоа што превезуваат претежно руска нафта. Иако рускиот гас во моментов не тече низ двата гасоводи „Северен поток“ во Балтичкото Море што ја поврзуваат Русија со Германија, потегот за забрана на трансакциите има за цел да го спречи потенцијалното продолжување на таквите испораки.
Ова е осумнаесеттиот пакет економски мерки против Москва откако започна инвазијата во 2022 година, а беше усвоен откако Словачка ја укина блокадата што траеше неколку недели, по преговорите со Брисел за одделни планови за постепено укинување на увозот на руски гас.