Каја Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје

Каја Шукова, архива

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска (18 јули) на прес-конференција објави уште еден дел од кандидатите за локалните избори, по состанокот на Извршниот одбор на партијата, којшто заседавал денеска.

За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.

-За кандидат за Општина Битола - претседателот на Општинската организација Методија Куновски, во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница претседателот на Општинската организација Гоце Милевски, во Зрновци претседателот на ОО Ванчо Митев, во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски, рече Филипче на прес-конференцијата.

Видете и ова: Димитриевски: Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со коалициските партнери

Тој истакна дека за Општина Карпош кандидатка за градоначалник ќе биде
д-р Маја Мојсова Миовска, поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), додека на Општина Кисела Вода Горан Трајковски, кој е поранешен директор на Државен пазарен инспекторат.

-Во Општина Маврово Ростуше кандидат ќе биде Анес Ахмети, во Општина Ново село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска, во Прилеп претседателката на ОО Петра Лукаровска, во Радовиш партискиот претседател Ристо Спасов, во Свети Николе Дејан Гичев, во Општина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Општина Брвеница Светлана Митревска Анџелковска, информираше Филипче.

Oдговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, опозицискиот лидер нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.

„Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус“, рече Филипче.

По неговата прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку писмено соопштение:

СДС тонат сѐ подлабоко во својот бунар без дно, сите кандидати или им се претседатели на општински организации кои мораат да излезат и да изгубат во своите општини или пак поранешни кадри на Заев. Со ова дефинитивно се потврдува дека СДС немаат кадри, ниту пак некој сака да им се нафати да изгуби. Во Скопје ќе одат со кадар на Заев, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова.

Истата Каја Шукова ќе им ветува на Скопјани чист воздух и чиста околина, а додека беше министерка за животна средина со прст не мрдна за подобрување на аерозагадувањето, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Локалните избори ќе се одржат во октомври 2025 година.