Автомобил влета во толпа луѓе во Лос Анџелес, најмалку 28 повредени

Припадник на противпожарната служба на Лос Анџелес, илустрација

Најмалку 28 лица се повредени откако „непознат“ автомобил влета во толпа во Холивуд, кварт во Лос Анџелес, соопшти противпожарната служба на Лос Анџелес, без да даде информации за причината за инцидентот, јави агенцијата АФП.

Повеќе од 100 пожарникари реагираа на местото на настанот во источен Холивуд помагајќи им на тројца пациенти во критична состојба и шест во сериозна состојба, додека 19 пациенти се во стабилна состојба, соопшти противпожарната служба.

Видете и ова: Упадот на возило во група навивачи на Ливерпул не се истражува како тероризам

ABC News цитираше официјален претставник на противпожарната служба кој рече дека прелиминарните истраги укажуваат на возач кој изгубил свест и удрил голема толпа пред ноќен клуб. Сепак, ова не можеше веднаш да се потврди.

Областа каде што се случил инцидентот е во близина на холивудските знаменитости, вклучувајќи го булеварот „Сансет“ и „Булеварот на славните“ - тротоар украсен со ѕвезди во чест на личности од филмската индустрија.