Русија лансираше стотици дронови во Украина

Украина - последици од руските напади врз Одеса, 19 јули 2025 година.

Русија почна масовен напад со стотици беспилотни летала врз Украина ноќта кон 19 јули, при што загина најмалку едно лице, како дел од засилената кампања на бомбардирање што ги уништи надежите за пробив во напорите за ставање крај на повеќе од три годишната војна, објави агенцијата АП.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата „Икс“ дека Русија испукала над 300 беспилотни летала, заедно со повеќе од 30 крстосувачки ракети.

Видете и ова: ЕУ одобри нов пакет санкции против Русија

Едно лице загина кога руските сили го нападнаа пристанишниот град Одеса со повеќе од 20 беспилотни летала и еден проектил, изјави градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов, додека пет лица беа спасени кога избувна пожар во станбена висока зграда.

Според Зеленски, уште шест лица беа ранети во нападот врз Одеса, вклучувајќи едно дете, а беше оштетена и критична инфраструктура во североисточниот сумиски регион на Украина.

Украинскиот претседател им се заблагодари на меѓународните лидери „кои разбираат колку е важно брзо да се спроведат нашите договори“ насочени кон зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, вклучително и заедничко производство на оружје, производство на беспилотни летала и снабдување со системи за воздушна одбрана, јави АП.

Русија ги интензивира своите напади со долг дострел врз украинските градови. Сега често ја напаѓа Украина со повеќе беспилотни летала во една ноќ отколку што го правеше тоа во текот на цели месеци во 2024 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 71 украински беспилотни летала во ноќта кон 19 јули.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека 13 беспилотни летала биле соборени додека се приближувале кон руската престолнина.