Кремљ: Путин е подготвен да разговара за мир во Украина, но сака да ги постигне целите

Казахстан - Владимир Путин, претседател на Русија (десно) и Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ(лево), 27 ноември 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да направи чекор напред кон мировен договор за Украина, но главната цел на Москва е да ги постигне своите цели, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за државната телевизија, јави Ројтерс.

Ден претходно, на 19 јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев ѝ испратил на Москва понуда за одржување нова рунда мировни преговори следната недела, нагласувајќи дека сака да ги забрза преговорите за прекин на огнот.

Тој рече дека руската страна „треба да престане да бега од носење одлуки“.

Видете и ова: Трамп ѝ се закани на Москва со царини ако не постигне договор со Украина за 50 дена

Песков рече дека светот е навикнат на понекогаш „острата“ реторика на американскиот претседател Доналд Трамп, но истакна дека Трамп, исто така, во коментарите за Русија нагласил дека ќе продолжи да бара мировен договор.

„Претседателот Путин постојано зборуваше за својата желба што поскоро да го доведе украинското решение до мирен крај. Ова е долг процес, бара напор и не е лесно. Главната работа за нас е да ги постигнеме нашите цели. Нашите цели се јасни“, рече Песков пред новинарот на државната телевизија, Павел Зарубин.

Трамп објави построг став кон Русија, ветувајќи нов бран воена помош за Украина, вклучувајќи ги и системите за ракетна одбрана „Патриот“.

Тој, исто така, ѝ даде на Русија рок од 50 дена да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со дополнителни санкции.

Украина и Русија одржаа две рунди разговори во Истанбул во минатите пет месеци. Тие се согласија за размена на затвореници, но немаше значителен напредок во завршувањето на речиси три и полгодишниот конфликт што започна со руската инвазија на Украина во 2022 година.