Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нова рунда мировни преговори со Москва е закажана за 23 јули во Турција, додека Западот го засилува притисокот врз Кремљ да се согласи на прекин на огнот, иако руските сили продолжуваат со смртоносните воздушни напади врз Киев и други украински градови.
„Денес разговарав со Рустем Умеров за подготовките за размена на затвореници и уште еден состанок со руската страна во Турција“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање на 21 јули, осврнувајќи се на новиот шеф на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
„Умеров извести дека состанокот е закажан за среда [23 јули]. Повеќе детали ќе следат утре“, додаде тој.
Умеров претходно беше министер за одбрана на Украина и ги водеше првите две рунди разговори со Русија.
Два дена претходно, Зеленски рече дека испратил предлог до Москва за одржување нова рунда разговори следната недела, откако по разговорите минатиот месец не се постигна напредок кон завршување на војната.
„Мора да се направи сè за да се постигне прекин на огнот“, рече Зеленски во своето редовно вечерно обраќање на 19 јули, додавајќи дека „руската страна мора да престане да се крие од донесување одлуки“.
Доколку страните се сретнат во Турција, тоа ќе биде првата средба лице в лице во последните седум недели. Турската влада соопшти дека разговорите ќе се одржат во Истанбул.
Кремљ не го потврди датумот или локацијата на следната рунда разговори, велејќи само дека чека повеќе детали и додавајќи дека двете страни остануваат „дијаметрално спротивставени“ за тоа како да се стави крај на долготрајниот и смртоносен конфликт.
„Постои нашиот нацрт-меморандум - постои и нацрт поднесен од украинската страна. Треба да има размена на мислења и дискусии за овие два нацрта, кои во моментов се дијаметрално спротивни“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Видете и ова: Русија обвинета за „кражба“ на иднината на Украина со присилна депортација на децаКремљ соопшти дека ги поздравува новите разговори, но дека „најважно за нас е да ги постигнеме нашите цели. Нашите цели се јасни, очигледни. Тие не се променети“.
Тие, исто така, инсистираа дека секој мировен договор мора да вклучува препуштање на контролата од страна на Украина и нејзино повлекување од четири региони што Русија незаконски ги анектираше во септември 2022 година, но никогаш целосно не ги окупираше.
Украина, исто така, мора да се откаже од своите аспирации за членство во НАТО и да прифати строги ограничувања на своите вооружени сили - барања што Украина и нејзините западни сојузници цврсто ги отфрлаат.
Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше неименуван извор кој изјави дека следната рунда разговори веројатно ќе се одржи во Турција, но може да биде закажана за 24 или 25 јули.
Зеленски претходно им рече на украинските дипломати: „Нашата агенда е јасна: враќање на воените заробеници, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на состанок на лидерите“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели изрази фрустрација поради недостатокот на напредок кон прекин на огнот и минатата недела ѝ даде на Москва 50 дена да се согласи на договор или да се соочи со построги санкции.
Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли поканите на Зеленски за лична средба и честопати ја доведуваше во прашање легитимноста на избраниот украински лидер.
Претходните разговори се одржаа во Истанбул на 16 мај и 2 јуни. Тие разговори доведоа до размена на затвореници и посмртни останки на загинатите војници, но немаше видлив напредок кон евентуален прекин на огнот предизвикан од целосната руска инвазија врз Украина која почна во февруари 2022 година.