Светската здравствена организација ги осуди израелските напади врз нејзините објекти во Газа

Илустрација - Палестинци бегаат од областа Деир ал-Балах во централна Газа по израелските наредби за евакуација.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека израелската копнена офанзива во централна Газа ги попречила напорите да продолжи со својата работа, бидејќи погодени се нејзини објекти.

Оваа агенција на Обединетите нации (ОН) ги обвини израелските сили за напад врз зграда во која се сместени нејзините вработени и нивните семејства во градот Деир ал-Балах и за злоупотреба на оние што биле внатре.

Израелската војска сè уште не ги коментираше обвинувањата.

Илјадници Палестинци се насилно раселени како последица на првата голема воена операција на израелската војска во Деир ал-Балах од почетокот на војната што Хамас - организација прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ - ја започна пред 21 месец.

Од ОН соопштија дека добиле извештаи за тешко неухранети луѓе кои пристигнуваат во клиниките и болниците во критична состојба.

Во неделата (20 јули), израелската војска нареди итна евакуација на шест блока јужно од Деир ал-Балах, предупредувајќи дека ќе дејствува „со голема сила за да ги уништи непријателските капацитети и терористичката инфраструктура“.

Се проценува дека помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе што живеат во погодените области добиле наредба да се преселат во јужна Газа.

Видете и ова: Израел издаде наредба за евакуација на централниот дел на Појасот Газа

Канцеларијата за хуманитарни прашања на ОН соопшти дека персоналот на ОН ќе остане во Деир ал-Балах и покрај наредбата за евакуација.

Според организацијата, околу 87 проценти од Газа сега е под израелски наредби за евакуација, принудувајќи 2,1 милиони луѓе да се преселат во област од само 46 квадратни километри, каде што недостасуваат дури и најосновните потреби.

Израелски извори го наведоа можното присуство на израелски заложници што ги држи Хамас како причина зошто Деир ал-Балах досега не е цел на копнена офанзива.

Се верува дека најмалку 20 до 50 заложници сè уште се живи.

Семејствата на заложниците изразија загриженост, велејќи дека офанзивата би можела да им го загрози животот.

Израел ја започна својата воена кампања во Газа како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Палестинските здравствени власти велат дека повеќе од 59.000 луѓе загинале во Газа од тогаш.