Славески: Девизните резерви се сигурни, а златните не се на задоволително ниво

Трајко Славески, гувернер на Народната банка

Девизните резерви се во сигурни раце и изнесуваат 4,6 - 4,7 милијарди евра, што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5-месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 до 3,5.

Oва денеска (22 јули) го изјави гувернерот на Народната банка (НБ), Трајко Славески на отворената работна средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Гувернерот истакна дека дел од македонските девизни резерви се во злато кое се чува во Банката во Англија, но и дека златните резерви, засега не се на задоволително ниво, а тој не знае зошто е прекината практиката земјата да не го зголемува износот на монетарното злато.

„Во минатото НБ од рудниците го откупуваше златото и го ставаше во златните резерви. Моментно тие не се на задоволително ниво. Златото барем последната година двојно ја зголеми цената. Секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото“, потенцира Славевски.

Тој потсети дека висината на девизните резерви е клучен фактор за одржување на фиксниот девизисен курс кога има нестабилност на светските пазари.

Видете и ова: Славески -  Со повисоки камати да се скрши 'рбетот на инфлацијата

Во текот на јавната дискусија, Азески, пак, укажа дека за бизнисот сѐ уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, но и транспарентноста која како што посочи „никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви“.