Спогодби со 13 обвинети за незаконски одобрени инвалидски пензии

Објектот на Јавното обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на предметот „Синдром“ поднесе обвинителен предлог против 36 лица. Тие се осомничени за серија кривични дела поврзани со незаконско посредување за добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија.

„Постои основано сомневање дека десетмина од обвинетите сториле кривични дела и тоа: Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, пет лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело – Примање поткуп, две лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите 19 лица се обвинети дека сториле кривично дело Давање награда за противзаконито влијание и кривично дело – Давање поткуп“, стои во соопштението од Обвинителството.

Од таму информираат дека 13 обвинети склучиле спогодби со обвинителството и за нив се изречени пресуди и санкции.

Основниот кривичен суд Скопје ја осудил првообвинетата на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело – Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање поткуп, а неа воедно ѝ се одземаат и противправно стекнати 15000 евра

На останатите кои се спогодиле им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години, која нема да се изврши доколку тие во рок од три односно пет години не сторат ново кривично дело.

Според доказите, обвинетите меѓу кои има лекари, адвокат и службени лица, организирани во две криминални групи посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија во текот на 2023 година и до април 2024 година.

Услугата ја наплаќале по цена од 150 до 5000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.

Видете и ова: Таравари за злоупотребите во здравството: Сите што грешат, треба да одговараат

Со обвинителниот акт јавниот обвинител му предложил на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за останатите обвинети - мерки на претпазливост.

Кон крајот на април годинава од Обвинителстовото соопштија дека по повеќемесечна предистражна постапка, Министерството за внатрешни работи спровело акција во која биле извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје, Велес, Тетово и Гостивар.

Постапувајќи по кривичната пријава, предметниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 49 лица, информираа од Обвинителството на 24 април.