Ребалансот помина во Собрание, за власта стабилен, за опозицијата предизборен поткуп

Илустрација - Седница на Собранието на Република Северна Македонија, 28.05.24

Пратениците со 65 гласа „за“ и 14 „против“ го изгласаа ребалансот на Буџетот за 2025 година. Тој е планиран со приход од 5,8 милијарди евра и расход од 6,5 милијарди евра што е за процент повеќе од предвидениот буџет. Буџетскиот дефицит изнесува 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, над законската граница од 3 до 3,5%.

Стапката на економски раст останува проектирана на 3,7%, а инфлацијата се очекува да биде околу 2,8%. Очекувањата на власта се дека буџетот ќе обезбеди фискална стабилност и континуитет на клучните државни програми.

Според поранешниот вицепремиер и пратеник Фатмир Битиќи од опозициската СДСМ ребалансот не е развоен и не е социјално одговорен, туку е буџет за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври.

„Денес немаме никаков глобален шок, ниту криза, туку имаме криза во планирањето, криза во отченоста, криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во држава“, рече Битиќи.

Тој обвини дека двојно се зголемени трошоците за стоки и услуги и дека дуплирана е ставката за набавка на автомобили, а за ЕКСПО 2027 што ќе се одржува во Србија, Владата ќе потроши 1,8 милиони евра за штанд од 134 метри квадратни, односно 5.550 евра по метар квадратен.

Видете и ова: Владата предложи измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се покачат пензиите

Според пратениците од владејачкото мнозинство главните промени во распределбата ја опфаќаат зголемената поддршка за Министерствата за транспорт и врски, социјална политика, образование и наука, како и за исплата на плати и пензии.

Капиталните инвестиции изнесуваат 772 милиони евра со акцент на инфраструктурата и поддршка за општините.

Министерката за финанасии Гордана Димитриевска Кочовска изјави дека дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.