Германскиот канцелар Фридрих Мерц е под притисок да го заостри ставот кон Израел.
Членовите на неговата коалиција бараат Берлин да се придружи на изјавата на десетици западни земји во која се осудуваат „нехуманите убиства“ на Палестинците.
Мерц, кој е претседател на германската десничарска Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е сè покритичен кон Израел.
Сепак, неговата земја не беше вклучена во заедничката изјава - објавена во понеделник од комесарот на Европската унија (ЕУ)за управување со кризи и 28 западни земји, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција - во која се повикува Израел веднаш да ги запре непријателствата.
Земјите ја критикуваа многу бавната дистрибуција на помошта за Палестинците во Газа и нагласија дека е „застрашувачки“ што повеќе од 800 цивили загинаа чекајќи помош.
Рим Алабали Радован, министерка за меѓународен развој во владата на Мерц и членка на Социјалдемократската партија (СПД), , која е помлад партнер во владејачката коалиција, изјави дека не е задоволна од одлуката на Германија да не ја потпише декларацијата.
„Барањата во писмото до израелската влада ми се разбирливи. Би сакала Германија да се придружи на сигналот испратен од 29-те партнери“, рече таа.
Мерц рече дека Европскиот совет веќе издаде заедничка декларација, која е „практично иста по содржина како она што беше наведено во писмото“.
„Бев меѓу првите што јасно кажаа - исто така и во Германија - дека ситуацијата таму повеќе не е прифатлива“, рече Мерц, негирајќи какви било поделби во неговата коалиција по ова прашање.
Претходно оваа недела, тој рече дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на кого му кажал дека Германија „не ја поддржува политиката на израелската влада кон Газа“.
Германските власти велат дека имаат посебна одговорност кон Израел поради историското наследство на Холокаустот и одговорноста на Германија за тие злосторства.
Поради оваа причина, тие веруваат дека можат да постигнат повеќе преку тајни дипломатски канали отколку преку јавни изјави.
Мерц е еден од ретките европски лидери кој изјави дека би го примил Нетанјаху и покрај потерницата издадена од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства.
Израел ги отфрла обвинувањата против Нетанјаху, велејќи дека се политички мотивирани.
Меѓународниот кривичен суд наведува дека сите потписници на основачкиот статут на судот, вклучувајќи ги и 27-те членки на ЕУ, се обврзани да го уапсат Нетанјаху ако влезе на нивна територија.
Критичарите на ставот на Мерц кон Израел, вклучувајќи ги и коалициските партнери, велат дека наследството од Холокаустот не може да се користи како оправдување за игнорирање на израелските злосторства, туку дека, напротив, мотото по Холокаустот „никогаш повеќе“ мора да се примени сега – во Газа.