Холандија прогласи двајца израелски министри за непожелни лица

Архива - Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих, присуствуваат на специјална седница во израелскиот парламент во Ерусалим.

Холандија ги прогласи израелските министри за национална безбедност Итмар Бен-Гвир и за финансии Безалел Смотрих за персони нон грата и „непожелни странци“.

Ова го објави на 27 јули шефот на холандската дипломатија, Каспар Велдекамп, во писмо во кое се дискутира за хуманитарната ситуација во Газа.

„Кабинетот одлучи да ги прогласи израелските министри Смотрих и Бен-Гвир за персони нон грата и се обврза да ги регистрира како непожелни лица во Шенгенскиот систем за регистрација SIS“, напиша Каспар.

Во своето писмо, холандскиот министер ја пренесе желбата на Холандија да ги ублажи страдањата на населението во Газа и да ја разгледа можноста за придонес во испораката на помош.

„Фрлањето храна од воздух е релативно скап и ризичен начин за обезбедување помош, и затоа Холандија презема мерки за поддршка на поголема копнена помош“, рече тој.

Видете и ова: Израел заплени активистички брод кај Газа

Двајцата израелски министри за кои станува збор „постојано го охрабруваа насилството на доселениците врз палестинското население, постојано се залагаа за проширување на нелегалните населби и повикуваа на етничко чистење во Појасот Газа“, продолжи Каспар.

Во јуни, Холандија ја поддржа шведската иницијатива за казнување на крајнодесничарските израелски министри во Советот за надворешни работи на ЕУ, предлог кој не доби едногласна поддршка од земјите-членки на ЕУ.

По објавувањето на мерките, израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир напиша на мрежата X:

„На место каде што тероризмот се толерира, а терористите се добредојдени, еврејскиот израелски министер е непожелен, терористите се слободни, а Евреите се бојкотирани“.

Министерот за финансии Смотрих рече дека судејќи според „европското лицемерие и предавањето на лидерите на лагите на радикалниот ислам кој ја презема контролата, како и растечкиот антисемитизам во Европа, Евреите не можат да живеат таму безбедно во иднина“.

Околу 2,4 милиони Палестинци се под израелска опсада во Газа од почетокот на војната, која започна со напад на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври 2023 година, на израелска територија.

Видете и ова: Повеќе од 100 организации бараат итно да се стави крај на гладот во Газа

Во последните недели, ОН и невладините организации предупредија на ризикот од широко распространет глад на територијата.

Воздушните транспорти на помош продолжија во недела, додека Израел прогласи хуманитарна пауза во борбите во некои сектори.

Холандскиот министер, исто така, рече дека доколку Израел не ги исполни своите хуманитарни обврски, Холандија ќе се залага за суспендирање на трговскиот дел од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел.

„Ова исклучување ќе се искористи за да се потсети Израел да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право“, рече Велдекамп, опишувајќи ја сегашната ситуација како „неподнослива и неодбранлива“.