Не е прифатен предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 500 евра. Како што изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско социјалниот совет, тие дури биле опоменати затоа што бараел многу.
„За жал големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу барал, дека работниците многу бараат и дека им е доста, дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме“, изјави Трендафилов.
Тој посочи дека работодавачите, за жал, сметале дека нема простор за зголемување на минималната плата и дека доволно ги плаќаат работницте, како и дека работниците не биле продуктивни.
„Колку нѐ плаќаат, толку сме продуктивни, колку повеќе ќе не плаќаат, толку повеќе ќе бидеме продуктивни“, рече Трендафилов.
Тој сепак посочи дека била прифатена иницијативата на ССМ да се разговара за платите на вработените во приватниот сектор, во јавниот сектор како и за растот на минималната плата.
Видете и ова: Зголемени цени и зголемен револт - можни протести и бојкотиПремиерот Христијан Мицкоски во обраќање на денешната седница на Економско-социјалниот совет, кој заседава по подолго време, порача дека може да се донесат добри решенија ако интересот на граѓаните е поважен од личните или политички разлики.
Разликите помеѓу Владата и дел од синдикатите како и со другите чинители во рамки на Советот, според него, се дополнителна причина дијалогот да биде поискрен и поотворен.
Според Мицксоки, Владата покажува дека државата може да се води со стабилни финансии, растечки плати, поддршка на економијата и дијалог со сите општествени чинители. Ако навистина сите сакаме подобро утре, укажа, тогаш тоа почнува со чесна работа денес.
„Точно е дека постојат разлики помеѓу Владата и дел од синдикатите како и со другите чинители во рамки на овој совет, но тоа не е причина да нема дијалог, напротив тоа е дополнителна причина тој дијалог да биде поискрен и поотворен. Ако на сите овде ни е подеднакво важен интересот на граѓаните тогаш знам дека решенијата ќе бидат добри“, рече Мицкоски, во обраќање пред утврдувањето на дневниот ред на седницата на ЕСС.
Трендафилов пак најави дека на седница на Престедателството и на Советот на ССМ ќе се одлучува какви понатамошни чекори ќе се преземат .