„Младински бунт“: Нов протест во Белград за несреќата во Нови Сад

Протест во Белград / 31.07.2025

Под мотото „Младински бунт“, студентите во блокада при Факултетот за драмски уметности, но и други граѓански собири, денеска (31 јули) протестираа во Белград. Граѓаните од 18 часот го блокираа сообраќајот, а како што јави репортерот на Радио Слободна Европа од терен, на протестот присуствувале околу илјада луѓе.

Пораки од учесниците

Вук, еден од учесниците на протестот, за РСЕ изјави дека дошол таму бидејќи сака системски промени во општеството.

„Прво, борба против корупцијата на највисоко ниво. Ни требаат слободни институции и правна држава“, изјави соговорникот.

На протестот присуствуваше и Зорка, како што вели, за да искаже бунт против „лагите и крадењето“.

„Итно да се смени претседателот на Србија затоа што владее според системот – државата, тоа сум јас“, изјави за РСЕ учесничката на протестот.

Протестот се одржа во пресрет на деветте месеци од загинувањето на 16 лица кои го загубија животот при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1. ноември.

Од тогаш во Србија се организираат студентски и граѓански демонстрации со барање за кривична и политичка одговорност на претставниците на владеачката СНС.

Видете и ова: Студентите во блокада по поканата за средба со опозицијата: „Акцијата ја насочуваме кон граѓаните“

Директен повод за почетокот на континуираните протести во Србија беше физичкиот напад на студентите на Факултетот за драмски уметности кој се случи на 22. Ноември во Белград додека на улица во тишина им се оддаваше почит на агинатите во Нови Сад.

Студентите на ФДУ на 26 ноември соопштија дека бараат итно процесуирање на напаѓачите меѓу кои имаше и активни функционери на СНС и нивно разрешување од функциите.

Барањата на студентите се објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица, процесуирање на напаѓачите на студентите на ФДУ, отфрлање на кривичните пријави против студентите уапсени на протестите и запирање на започнатите постапки, како и зголемување на буџетот на факултетите за 20 проценти.

Со овие барања, во Србија веќе девет месеци траат масовните студентски протести, граѓански демонстрации, блокади на факултетите и сообраќајниците.

За падот на настрешницата, на крајот на минатата година беа уапсени 13 лица.