Милорад Додик правосилно осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник

Милорад Додик дава изјава за медиумите по едно од рочиштата пред судот на БиХ, Сараево, 6 март 2024 г.

Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска (РС) во Босна и Херцеговина, денеска (1 август) правосилно е осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ).

Пресудата ја донесе тричлениот совет составен од Амела Хускиќ, Весна Јесенковиќ и Хилмо Вучиниќ, и со неа советот ја потврди првостепената пресуда од 26 февруари, со која Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција.

И адвокатскиот тим на Додик и Обвинителството поднесоа жалби на првостепената пресуда што беше донесена во февруари.

Обвинителството бараше зголемување на затворската казна и забраната за вршење политичка функција, додека одбраната побара пресудата да се поништи.

Видете и ова: Три децении по обвинението против Караџиќ, БиХ е поделена од истата политика

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указ за прогласување на закони што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, претходно ги поништи.

Со тие закони, законодавните тела во Република Српска се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и високиот претставник на територијата на овој ентитет во БиХ.

Вториот обвинет во судскиот процес, Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службениот весник на РС, кој ги објави спорните закони, со првостепената пресуда беше ослободен.

Кратко по пресудата во февруари, Народното собрание на РС усвои сет закони со кои се укинува надлежноста на државните судски и полициски институции на БиХ на територијата на Република Српска. Потоа, кон средината на март судот на БиХ издаде централна потерница против Додик, под сомнение за напад врз уставниот поредок.

За истите сомневања беа издадени потерници и за Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ – премиерот и претседателот на парламентот на Република Српска.

Видете и ова: По Додик, укинат притворот и на премиерот и на претседателот на Собранието на Република Српска

Иако централната потерница значи дека сите полициски агенции во земјата треба да ги уапсат и да ги предадат лицата во надлежност на државните судски органи, тоа не се случи.

На почетокот на јули, Додик доброволно се појави пред Обвинителството на БиХ, во придружба на неговиот адвокат Горан Бубиќ, по што неговиот притвор беше прекинат, а му беше наредено периодично да се пријавува кај државен орган.

Неколку дена подоцна, и Вишковиќ и Стевандиќ доброволно се појавија пред судот, по што и нивниот притвор беше прекинат.