Трамп распореди нуклеарни подморници во близина на Русија по заканите на Медведев

Американскиот претседател Доналд Трамп (лево) и рускиот поранешен претседател Дмитриј Медведев ( десно) кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на први август изјави дека наредил распоредување на две американски нуклеарни подморници како одговор на, она што го нарече „многу провокативни изјави“ од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

На социјалната мрежа Truth Social, Трамп напиша дека подморниците се испраќаат во „соодветни региони“ во случај изјавите на Медведев да бидат повеќе од само празни закани.

„Зборовите имаат тежина и често можат да доведат до несакани последици. Се надевам дека ова не е еден од тие случаи“, додаде Трамп.

Одлуката доаѓа во време кога односите меѓу администрацијата на Трамп и Москва се особено чувствителни.

Трамп објави дека неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, ќе отпатува во Русија за да се обиде да го убеди Кремљ да се согласи на прекин на огнот во војната во Украина.

Трамп, исто така, се закани со нови економски санкции доколку нема напредок. Рокот што претходно го даде, од 50 дена за постигнување договор, сега е намален на 10 дена и истекува следната недела.

Видете и ова: Воените конфликти ги менуваат мапите на воздушните рути низ целиот свет



Порано оваа недела, Дмитриј Медведев, кој моментално е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, ги обвини САД дека играат „игра на ултиматум“ откако Трамп објави дека рокот од 50 дена што ѝ го даде на Русија за прекин на војната во Украина е намален на 10 дена.

На својата страница на социјалната платформа Х, на 28 јули, Медведев напиша дека „секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна“.

Тој, исто така, го повика Трамп да не „оди по патот“ на поранешниот американски претседател Џо Бајден, кого Москва постојано го обвинува за ескалација на тензиите со Русија.

Откако Трамп му рече на 31 јули да „внимава што зборува“, Медведев отиде чекор понатаму и го потсети американскиот претседател на рускиот команден систем „Мртва рака“, кој е дизајниран автоматски да лансира нуклеарни ракети во случај руското раководство да биде елиминирано.

„Ако некои зборови на поранешниот руски претседател предизвикаат таква нервозна реакција од моќниот претседател на САД, тогаш Русија прави сè како што треба“, додаде Медведев.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, Дмитриј Медведев стана еден од најгласните противници на Западот во Москва.

Некои критичари на Кремљ го сметаат за неодговорен екстремист, додека други тврдат дека неговите изјави ги одразуваат ставовите на многу високи руски функционери.

Видете и ова: Истражување: Сојузник на Путин, руска воена машинерија и луксузни вили во Дубаи


Одговарајќи на неговите провокации, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, изјави за „Њујорк пост“ претходно оваа недела дека Медведев бил „многу глупав“ што дал такви изјави.

„Не знам каква е неговата психолошка состојба. Можеби бил пијан“, додаде Јермак.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, рече дека не го смета Медведев за клучен носител на одлуки во Русија, но нагласи дека неговите изјави не можат да се игнорираат.

„Јасно е дека станува збор за некој што претходно имал висока функција и сè уште има улога во владата, а неговите зборови имаат влијание на провокации“, изјави Рубио за „Фокс радио“ на 31 јули.

Ова не е прв пат Трамп и Медведев да се судрат.

Поранешниот руски лидер беше гласен критичар на Трамп по неодамнешните американски напади врз Иран. Но, ова се чини дека е прв пат нивната размена на зборови да доведе до конкретна акција.

На 1 август, Трамп дополнително ги заостри нападите врз руското раководство, истакнувајќи дека за еден месец 20 илјади руски војници загинале во како што ја нарече, бесмислена војна со Украина

„Русија изгуби 112.500 војници од почетокот на годината. Тоа е многу непотребна СМРТ! Украина, сепак, исто така страдаше лошо. Од 1 јануари 2025 година, тие изгубија приближно 8.000 војници, а тој број не ги вклучува исчезнатите“, напиша тој на платформата Truth Social додавајќи дека двете страни претрпеле цивилни жртви.

Ниту една од завоените страни не објавува бројки за воени жртви.