Советот за национална безбедност на Србија на втори август ќе заседава откако 11 лица, меѓу кои и поранешен министер, беа уапсени еден ден претходно како осомничени во случајот со уривањето на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Седницата на Советот беше закажана на барање на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Поминавме низ бројни кризи, од поплави, миграциска криза, корона, украинска војна, многу работи што беа тешки, разни провокации што беа извршени против нас во Косово, напади во Сребреница, до сè друго. Но, Србија не била во толку тешка ситуација од 2008 година како што е сега,“ изјави Вучиќ на први август.
Српското обвинителство за организиран криминал (ТОК) првично објави на 1-ви август дека шестмина осомничени се уапсени под сомнение за сторени кривични дела поврзани со корупција во врска со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до границата со Унгарија, вклучувајќи го и поранешниот министер на српската влада Томислав Момировиќ.
Видете и ова: Шестмина уапсени за уривањето на настрешницата во Нови СадПотоа, во попладневните часови на 1 август, беше објавено дека се уапсени уште пет лица. Обвинителството соопшти дека меѓу уапсените се Ненад Игњатовиќ, одговорното лице и сопственик на компанијата „Деко тим“ д.о.о. од Бешка, Слободанка Катаниќ, која беше инвестициски менаџер на компанијата „Инфраструктура железниче Србија“ а.д. Белград и менаџер на Проектот за модернизација и реконструкција на унгарско-српската железничка врска Белград - Будимпешта, Александар Цвјетковиќ, директор и одговорно лице на Младинската задруга „Менаџер“, како и Драган Поповиќ и Зоран Мијајловиќ, одговорни лица во неколку деловни субјекти.
Како дел од тој проект, беше спроведена тригодишна реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.
ТОК наведува дека уапсените осомничени се осомничени дека го оштетиле буџетот за 115 милиони долари преку коруптивни дејствија.
Во исто време, се сомнева дека конзорциумот на кинески компании CRIC&CCCC (China Railway International Co. Ltd и China Communications Construction Company Ltd) кој ја гради брзата железница, „стекнал материјална корист“ во вредност од најмалку 18,7 милиони долари.
Претставници на властите во Србија склучија договор со нив и овој кинески конзорциум врз основа на меѓувладиниот договор меѓу Србија и Кина, без да распишат тендер.
Несреќата на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 16 лица, предизвика бран масовни антивладини протести низ цела Србија.
Стотици илјади граѓани излегоа на улиците во изминатите осум месеци со клучно барање - да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата. Фокусот на протестите се обвинувањата дека корупцијата довела до уривање на кровот.