Трамп најави повисоки тарифи за Индија поради руската нафта, неговиот претставник оди во Москва

Илустративна фотографија.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 август изјави дека „значително ќе ги зголеми“ царините за Индија поради купувањето руска нафта, додека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф се подготвува оваа недела да отпатува во Москва пред рокот го кој Кремљ треба да преземе чекори за прекин на војната во Украина.

Во објава на неговата мрежа Truth Social, Трамп рече дека Индија не само што купува „огромни количини“ руска нафта, туку и ја препродава за „огромна добивка“.

„Не им е грижа колку луѓе во Украина се убиени од руската воена машинерија“, рече Трамп.

„Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на Соединетите Држави“, додаде тој, без да прецизира временска рамка или износ на новите царини.

Видете и ова: Трамп вели дека неговиот претставник би можел да ја посети Русија оваа недела

Минатата недела, Трамп рече дека Индија се соочува со царина од 25 проценти за стоки извезени во Соединетите Држави и додаде дека петтата најголема економија во светот, исто така, ќе се соочи со казни, без да даде детали.

Трамп, кој сè повеќе изразува фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин, минатата недела ѝ даде на Русија 10 дена да тргне кон мир или да се соочи со санкции и секундарни тарифи кои веројатно ќе бидат насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.

Со тој рок поставен на 8 август, Трамп рече дека Виткоф ќе отпатува во Москва по неговата сегашна посета на Израел, иако не даде конкретен распоред.

Кремљ денеска не ја потврди посетата, но рече дека Путин би можел да се сретне со Виткоф оваа недела.

„Секогаш сме среќни што го гледаме г-дин Виткоф во Москва... Сметаме дека таков контакт е важен, значаен и корисен“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.

Видете и ова: Украина ги интензивира нападите врз Русија

Еден ден претходно, Трамп предупреди дека „ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“.

„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.

Киев и Москва разменуваат напади пред рокот на Трамп.

Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна во неделата.

Степногирск, град на неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, додаде тој.

Русија, исто така, наводно лансирала најмалку една хиперсонична ракета „Кинжал“ преку ноќ, а украинската војска соопшти дека воздушна база во западна Украина веројатно била цел.

Додадено е дека нападот бил одбиен, иако руското Министерство за одбрана соопшти дека „целта на нападот е постигната“.