Русија ги обвини Соединетите Држави за нелегален трговски притисок врз Индија откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека ќе ги зголеми увозните давачки на индиската стока поради нејзините купувања руска нафта.
„Не сметаме дека ваквите изјави се легални. Веруваме дека суверените земји треба да имаат и имаат право да ги изберат своите трговски партнери и формите на трговска и економска соработка што се во интерес на една или друга земја“, изјави денеска (5 август) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно, Трамп изјави дека од петок (8 август) ќе воведе нови санкции врз Русија и против земјите што купуваат руски енергетски ресурси, освен ако Москва не преземе мерки за прекин на конфликтот во Украина.
Видете и ова: Трамп најави повисоки тарифи за Индија поради руската нафта, неговиот претставник оди во МоскваСепак, рускиот претседател Владимир Путин не даде никакви знаци за каква било промена во ставот на Русија за војната, забележуваат агенциите.
Њу Делхи ги нарече заканите на Трамп „неоправдани“ и вети дека ќе ги брани своите економски интереси, продлабочувајќи го трговскиот јаз меѓу Индија и САД.
Кон крајот на минатата недела, претставници на индиската влада изјавија за „Њујорк тајмс“ дека нивната земја ќе продолжи да купува нафта од Русија и покрај заканата од санкции.