Осуден германски државјанин за веење знаме на „Голема Албанија“ на фудбалски натпревар

Илустрација, Обвинителство

Осуден на две години условна казна доби германски државјанин за кривичното дело предизвикување омраза на меѓународниот фудбалски натпревар меѓу фудбалските клубови Шкендија и Карабах. Оваа пресуда ја донесе Основниот суд Скопје 1 по извршена идентификација, во која Основното јавно обвинителство по итна постапка покреана обвинение.

„Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Во него е наведено дека врз основа на обезбедените докази Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.

Видете и ова: Спортскиот терен - политичка преизборна арена со националистички скандирања

Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.

Во меѓувреме, МВР и Јавното обвинителство соопштија дека продолжуваат да преземаат мерки за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари.

Ова е втор спортски настан на кој во период од една недела, навивачи скандираат националистички пароли предизвикувајќи меѓуетнички препукувања.