Пет новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад во Газа

Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.

Пет новинари на Ал Џезира, меѓу кои и Анас ал-Шариф, биле убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, објави телевизиската мрежа.

Според извештајот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, дописникот Мохамед Курејка и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шаторскиот простор за новинари пред главниот влез на болницата кога се случил нападот.

Во соопштението на Ал Џезира, овој чин е опишан како „целна ликвидација“ и „уште еден отворен, однапред планиран напад врз слободата на медиумите“.

Како што објави Би-Би-Си, Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека го нападнале ал-Шариф, тврдејќи дека тој бил „водач на терористичка ќелија на Хамас“ и дека „учествувал во ракетни напади врз израелски цивили и војници“.

Комитетот за заштита на новинарите (КЗН) изрази шок од нападот, велејќи дека Израел не понудил докази во поддршка на обвинувањата.

„Ова е шема што ја гледаме со децении - новинар е убиен од израелските сили, а потоа се изнесуваат обвинувања дека бил терорист, без доволно докази“, изјави директорката на Комитетот за заштита на новинарите, Џоди Гинсберг.

Видете и ова: Израел одобри план за целосна окупација на градот Газа и „завршување на војната“

Главниот уредник на Ал Џезира, Мохамед Моавад, истакна дека ал-Шариф бил акредитиран новинар и „единствениот глас“ од Газа до меѓународната јавност.

Тој додаде дека Израел не им дозволува на меѓународните новинари да влезат за време на војната, па затоа известувањето главно се базира на локални дописници.

„Тие беа цел додека престојуваа во шаторот, а не известуваа од фронтовската линија“, рече Моавад, оценувајќи дека израелската влада сака да го замолчи секој канал за известување од Газа.

Пред еден месец, Ал Џезира, Обединетите нации и Комитетот за заштита на новинарит предупредија дека животот на ал-Шариф е во опасност и побараа негова заштита.

Според извештаите, Ал-Шариф (28) на мрежата X, кратко пред неговата смрт, предупредил за интензивно бомбардирање во Газа.

Во нападот биле убиени вкупно седум лица.