Имавме неколку контроли и не беа констатирани неправилности - изјави денеска (11 август), претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски.
Тој се обрати на прес конференција откако министерот за здравство, Азир Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.
- Прво, бидејќи јавните овластувања согласно Законот за здравствена заштита, член 262, се многу широк поим и за поголемиот дел од страна на комисијата формирана од министерот за здравство воопшто нема ни вршено надзор, ниту пак која било комисија или кој било министер се имаат произнесено на кој било начин, Комора не може да знае зошто и во кој обем е т.н. времено одземање до исправање на неправилностите, односно да ги цитираме неговите зборови „до стишување на работите во Комората" - истакна Денковски.
Видете и ова: Сомнежи за пропусти со лиценците на стоматолозите, Комората остана без овластувањаТој посочи и дека минатата недела имале интензивна комуникација со министерот за здравство, Алиу.
„Заклучокот беше дека, доколку има неправилности, Комората секако ќе ги вложи сите напори да се исправат“, додаде Денковски.
На денешната прес конференција, од Комората информираа дека во меѓувреме, за нивното работење се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции.
Оттука, „согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, наведоа од Комората.
Средби и со Лекарската комора
Денковски ги демантираше наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.
-Информираме дека нема вистина во тоа и не е точно дека Комората не постапила, изјави тој на прес конференцијата и најави дека ќе ги повика на разговор и консултација претходните претседатели.
- За да го слушнеме и нивното мислење, зошто по она што знаеме засега, се работи за некои „незаконски" постапки на Комората уште од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година – рече Денковски.
Тој информираше дека ќе има средба и со Лекарската комора.
-Ако кај нас, во стоматологија, т.н. „незаконска" едукација вршеле околу 15-ина, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија - меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво, истакнаа од Комората.
Понатаму, посочија и дека планирааат свикувања на вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието на Комората.
- Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финасиски или други криминали, сосема реално е да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората – истакнаа претставниците на Стоматолошката комора.
Реакција на Министерството за здравство
По нивната прес конференција, од Министерството за здравство се огласија преку писмено соопштение во кое наведуваат дека „одлуката е донесена врз основа на факти“.
Видете и ова: Децата кои се на долготрајно лекување ќе следат настава во болнички услови-Потсетуваме дека на овој процес претходеше времена мерка изречена од Уставен суд, а потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително покрај времената мерка, Комората продолжила со континуираната едукација. Паралелно, во прилог на оваа одлука е и извештајот од Државната комисија за спречување на корупција, пишува во соопштението.
Министерството за здравство, како што се додава, за оваа цел имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Комората и „во двата случаи се констатирани неправилности на кои е укажано со законски рок за отстранување на истите, но, во законските рокови не е постапено од страна на Стоматолошката комора“.
- Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите „немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората“, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат, истакнуваат од Министерството за здравство.
Претходно, во саботата министерот Алиу соопшти дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.
Тој тогаш изјави дека „одземањето на надлежностите, односно на јавното овластување на Стоматолошката комора се сѐ додека не се воспостави систем преку кој Комората ќе работи законито, транспарентно и професионално“.