Европските и украинските лидери ќе разговараат со претседателот на Соединетите Држави (САД), Доналд Трамп, на виртуелен состанок во среда (13 август), пред неговиот самит со претседателот на Русија, Владимир Путин во Алјаска.
Американскиот претседател рече дека состанокот ќе послужи како „запознавање“ во рамките на неговите напори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Виртуелна видео средба меѓу Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Германија, Финска, Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Европската Унија е планирана за 14 часот, објави портпаролот на германската влада.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така, ќе учествува на конференцијата организирана од германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Украина се надева дека средбата ќе послужи, барем делумно, како европска противтежа на самитот во Алјаска.
Минатата недела, Трамп се согласи да го одржи првиот состанок меѓу САД и Русија од 2021 година, нагло менувајќи го курсот, и покрај тоа што неколку недели изразуваше разочарување од Путин, кој ги игнорираше мировните иницијативи на САД.
Видете и ова: Украинците се сомневаат дека средбата Трамп-Путин ќе донесе крај на војнатаТрамп вели дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од делови од својата територија за да ја завршат војната. Руските трупи веќе окупираа речиси една петтина од вкупната територија на Украина.
Непредвидливоста на тоа како ќе се одвива состанокот во Алјаска предизвика загриженост во Европа дека американските и руските лидери би можеле да донесат одлуки со далекусежни последици, па дури и да се обидат да ја принудат Украина да прифати неповолно решение.
„Сега се фокусираме на тоа да се осигураме дека тоа нема да се случи, да работиме со американските партнери и да останеме координирани и обединети од европска страна. Сè уште има многу време до петок“, рече еден висок функционер од Источна Европа.
Администрацијата на Трамп ги намали очекувањата за каков било поголем напредок кон прекин на огнот во вторник, нарекувајќи ја неговата средба со Путин во Алјаска „добра можност за слушање“.
Видете и ова: Венс: И Украина и Русија, најверојатно ќе бидат „незадоволни“ од каков било мировен договорЕвропските лидери постојано нагласуваат дека ги поздравуваат напорите на Трамп за мир, но истакнуваат дека не смее да има договор за Украина, без учество на самата Украина.
Шест високи европски претставници изјавија за Ројтерс дека го гледаат ризикот од договор што би бил неповолен за безбедноста на Европа и Украина. Тие изјавија дека европското единство би било клучно доколку тоа се случи.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во вторникот им изјави на новинарите дека самитот ќе биде „добра можност за слушање“ за Трамп да открие што е потребно за да се постигне договор.
По виртуелната средба, Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс треба да разговараат со европските лидери на уште една онлајн средба во 15 часот, изјави германскиот портпарол.
Потоа, во 16:30 часот, е закажан онлајн состанок на „Коалицијата на подготвените“, група земји што работат на планови за поддршка на Украина во случај на прекин на огнот.