Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон денеска, додека Европа се подготвува за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.
Стармер разговараше со Зеленски откако рече дека Велика Британија е подготвена да го „зголеми притисокот“ врз Русија доколку е потребно.
Трамп ѝ се закани на Русија со „сериозни последици“ ако рускиот претседател отфрли мировен договор.
За време на телефонскиот разговор со американскиот претседател и европските сојузници вчера, Стармер го пофали Трамп за неговите напори да создаде „вистинска можност“ за завршување на војната.
Сепак, се изразија загрижености во врска со исклучувањето на Зеленски од самитот Трамп-Путин утре во Алјаска.
„Средбата во петок, на која ќе присуствува претседателот Трамп, е исклучително важна. Како што му кажав лично на претседателот Трамп, во три и пол години колку што трае овој конфликт, не сме се приближиле до перспективата за вистинско решение за прекин на огнот. А сега ја имаме таа можност благодарение на напорите што ги вложи претседателот“, рече вчера Стармер.
„Важно е да ги потсетиме колегите дека сме подготвени да го зголемиме притисокот врз Русија, особено врз економијата, со санкции и посеопфатни мерки, доколку е потребно, додаде тој.
Видете и ова: Далечна, симболична, стратешка: Алјаска во центарот на вниманиетоСтармер и европските лидери постојано наведуваат дека дискусиите за Украина не треба да се водат без учество на Киев.
Од друга страна, американскиот претседател претходно призна дека прекинот на огнот може да вклучува „размена“ на територија. Се верува дека едно од барањата на рускиот лидер е Украина да отстапи делови од Донбас што сè уште ги контролира.
Сепак, Зеленски веќе ги отфрли сите предлози што би го нарушиле територијалниот интегритет на Украина, што е забрането со уставот на земјата.
Видете и ова: Зеленски и европските лидери ќе разговараат со Трамп пред неговата средба со ПутинВо заедничката декларација на Коалицијата на подготвените, копретседавана од Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се вели дека „меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“.
Во неа се додава: „Санкциите и посеопфатните економски мерки за притисок врз воената економија на Русија мора да се зајакнат доколку Русија не се согласи на прекин на огнот во Алјаска“.
Коалицијата на подготвените е европска иницијатива за испраќање мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот.