Демолирани простории на СНС, солзавец и судири на протестите низ Србија

Антивладини демонстранти ги демолираа просториите на Српската напредна партија во Нови Сад, 14 август 2025

Повеќе инциденти беа регистрирани на антивладините протести кои на 14 август се случија ширум Србија, а на кои повикаа студенти кои со месеци ги блокираат високообразовните институции.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека најмалку 42 полицајци биле повредени во протестите, од кои неколку сериозно и дека 37 лица биле приведени.

„Вечерва имаше масовно и сериозно нарушување на јавниот ред и мир низ цела Србија од страна на блокадерите. Бидејќи немаше поддржувачи во простории на СНС, полицијата беше брутално нападната вечерва, а полицијата го одржува јавниот ред и мир“, рече Дачиќ.

Тој додаде дека некои полицајци се тешко повредени и дека меѓу приведените е и 23-годишен хрватски државјанин кој ја нападнал жандармеријата.

„Толку за фактот дека протестите немаат никаква врска со надворешен фактор“, рече Дачиќ.

Според него, полицијата користела хемиски средства за да се одбрани, како и за да ги брани интересите на државата, а не за да брани која било страна.

Просториите на Српска напредна странка (СНС) беа демолирани на три локации во Нови Сад, што беше осудено од српскиот претседател Александар Вучиќ кој рече дека сите што биле насилни ќе бидат повикани на одговорност.

„Државата се уште има многу работа, ќе има уште многу апсења. Сакам да им се извинам на сите оние луѓе кои ми велат дека е време за вонредна состојба, дека е време да се укинат ТВ Н1 и Нова С, дека е време да се изнесе војската на улица...Сакам да знаат дека ќе го одмерам секој потег со моите сојузници, но дека нема да ја доведам Србија во позиција каде што државата би била дупка на нечиј тепих. Владеењето на правото ќе мора да функционира“, рече тој.

Тој ги повика граѓаните да останат смирени и додаде дека „сè што се случува вечерва е организирано однадвор“.

Демолирани простории на СНС во Нови Сад, 14 август 2025

Пратеникот од Партијата за слобода и правда, Пеѓа Митровиќ кој синоќа бил претепан со палки во Белград, изјави дека бил нападнат од седум или осум маскирани хулигани без очигледна причина. Тој изјави дека, иако им кажал дека е пратеник, тие брутално го претепале по главата и телото.

Во Белград, полицијата ги потисна граѓаните подалеку од плоштадот во близина на просторите на СНС на улицата „Кнез Милош“ откако група демонстранти и поддржувачи на владата почнаа да фрлаат пиротехнички средства и топови, објави Бета.

За време на инцидентот беше фрлен и солзавец, објави репортер на РСЕ.

Демонстрантите и поддржувачите кај Владата фрлаа петарди и шишиња кон полицијата.

Порано вечерва, неколку полициски кордони со опрема за разбивање на демонстрации ги раздвоија учесниците на протестот што започна пред Генералштабот од поддржувачите на владата.

Меѓу поддржувачите на владата, кои бројат околу стотина, имаше и мал број целосно маскирани млади мажи, објави Бета.

Припадници на жандармеријата во близина на канцелариите на Српската напредна партија во Нов Белград, 14.8.2025 година.

На протестот во Ниш, пак, имаше помали инциденти кога демонстрантите фрлаа јајца кон полицијата, пренесе телевизијата N1.

Во Краљево, граѓаните стигнаа до просториите на Српска напредна странка (СНС), како што објави N1, а полицијата ја блокираше улицата каде што се наоѓаат просториите на СНС и полициската станица.

Полицијата го блокираше и пристапот до просториите на СНС во Лесковац.

Неколку стотици граѓани протестираа и во Горњи Милановац спроти просториите на Српската напредна партија (СНС), а полициски кордон го блокираше приодот, јави агенцијата Бета.

Протести се одржаа и во Врбас, Смедерево, Крушевац...

Вчера, на протестите во десетици српски градови се случија неколку инциденти и судири меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владата.

Владини претставници, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ, ги обвинија демонстрантите дека предизвикуваат немири и напади врз просториите на владејачката партија. Од друга страна, учесниците во демонстрациите ги обвинија активистите на СНС дека ги нападнале со пиротехнички средства, а ја обвинија и полицијата дека не реагирала.

Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие од власта бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.