Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, изјави денеска (15 август) премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за коментар околу иницијавата поднесена од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска до Уставниот суд за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија. Пред неколку дена Уставен отвори предмет за оваа иницијатива.
Премиерот Мицкоски кој присуствуваше присуствуваше на презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната „Јане Сандански“ во Штип, при што упати порака дека е најдобро да се почека одлуката на Судот.
„Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска таа треба да ви даде одговор, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива“, рече Мицкоски.
Уставниот суд завчера информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Видете и ова: Уставен ќе го испитува Протоколот потпишан со БугаријаПодносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.
Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.